Македонија
4. јуни 2019 - 19:20

Заев очекува Европа да го испорача ветеното, Јункер и Хан со поддршка за проширувањето

“Вооружен” со последниот Извештај во кој се препорачува безусловно отворање на преговорите за членство со Европската Унија, премиерот Заев е во Брисел, во нов обид да обезбеди датум.

На средбите со претседателот на комисијатаЈункер, со еврокомесарот Хан и со шефицата на европската дипломатија, ја побара поддршката.  Заев вели – покажавме политичка зрелост и европски манири. Добивме домашна задача која ја исполнивме и сега Европа е на ред.

Уверен дека Македонија заслужува почеток на преговорите е и Јункер. Претседателот на Европската Комисија вели дека ќе стори се, во тоа да ги убеди и земјите членки кои треба да пресечат за одлуката.  

Еврокомесарот Хан гледа и пошироко. Определувањето датум не е значајно само за Македонија, туку станува збор за стабилноста на Европа.

Конечната одлука за стартот на преговорите ќе го има Европскиот Совет. Дали земјите членки ќе постигнат консензус за доделувањето датум ќе биде познато на 18-ти јуни, за кога е закажан министерскиот совет на Европската Унија.