Македонија
19. July 2018 - 8:35

Заев објави можно референдумско прашање, нова лидерска напладне

Премиерот Зоран Заев по синоќешната лидерска средба соопшти дека референдумското прашање би можело да биде: Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција? и оти претстојниот референдум потребно е да биде консултативен.

Тој изрази разочарување што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја напушти средбата само еден час по почетокот велејќи дека тоа е несериозно, неодговорно и навредливо кон претставниците на сите политички партии кои беа на разговорите и кон граѓаните. 

Сепак, премиерот Заев рече дека денеска напладне исто така во Клубот на пратениците ќе се одржи уште една лидерска средба, но овој пат, на четирите најголеми политички партии, така како што бараше првиот човек на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. 

Заев

- Како процес вечерва разговарав со лидерите на политичките партии и ги информирав за можната формулација на референдумското прашање кое би се движело во следата насока -  Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу РМ и Република Грција, изјави Заев.

Појасни дека е разговарано и за членот 27 од Законот за референдум, според кој во услови кога Собранието треба допрва да донесе некоја исклучителна важна одлука за иднината, потребно е референдумот да биде консултативен. 

Одлуката, додаде Заев, се смета за конечна, доколку на референдумот излезат најмалку 50 проценти од  вкупниот број на запишани избирачи во Избирачкиот список.

- Значи без разлика на карактер на референдумот одлуката се смета за успешна во ваков случај. И се отвори дебата дали да биде консултативен  или обврзувачки. Консултативен е кога ние сакаме да ги консултираме нашите сограѓани и потоа да ги носиме одлуките, како што е случајот со одлуките за промена на Уставот. Ако ние одлучиме  да ги носиме одлуките за промена на Уставот сега во Парламентот  и ги донесеме тие одлуки и потоа одиме тоа да го провериме на референдум, тогаш тој е дополнителен, појасни Заев.

Мицкоски, пак, по излегувањето од состанокот кажа дека за нив не бил јасен концептот зошто претставници на сите парламетнарни партии не се присутни и, како што кажа, изразил сериозен револт поради вчерашниот предлог за измени на Изборниот законик по скратена постапка за составот на ДИК. 

Мицкоски лидерска

Тој рече дека го повикал премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев во најскоро време, а најдоцна до понеделник, да организира лидерска средба во форма како што претходно се одржувала, со присуство на лидерите на четирите најголеми партии на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и најголемата опозициска партија на Албанците на која ќе се разговара за, како што кажа, сите отворени прашања што му претходат на новиот состав на ДИК, па дури потоа да се разговара за формирањето на ДИК.

ВМРО-ДПМНЕ, рече тој, останува на истите ставови - усвојување на Законот за финансирање на политички партии и измените на Законот за Влада каде што ќе се регулира концептот на техничката влада по пржинскиот модел па дури потоа формирање на ДИК.  

- Ние едноставно бараме да добиеме фер избори, рече Мицкоски.

Премиерот Заев ја свика оваа лидерска средба откако ВМРО-ДПМНЕ го блокираше формирањето на Државната изборна комисија. Ова беше првпат на лидерска средба да бидат повикани лидерит на политички партии кои имаат повеќе од еден пратеник во Собранието.

На лидерската средба присуствуваа премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев со Радмила Шекеринска, Али Ахмети и Бујар Османи од ДУИ, Зијадин Села и Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, Мендух Тачи и Имер Алиу од ДПА, Африм Гаши од едното и Билал Касами и Фадил Зендели од другото крило на Беса, Горан Милевски и Дуфе Кукоски од  ЛДП, Лилјана Поповска и Маја Морачанин од ДОМ, Љупчо Димовски и Владанка Авировиќ од Социјалистичка партија, како и Тито Петковски и Горан Мисовски од НСДП. Лидерската средба ја напушти само лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, кој беше придружуван од Тања Каракамишева.