Македонија
26. July 2021 - 16:38

Заев: Нема проблем Бугарите да бидат вметнати во Уставот, но потребно е мнозинство во Собранието

Бугарите ќе бидат вметнати во Уставот, но тоа нема да се случи веднаш. Премиерот Заев вели - таква е европската пракса, која налага во моментот на пристапувањето во ЕУ, во највисокиот правен акт да бидат вградени помалку бројните етнички заедници кои живеат во земјава.

„Ние немаме никакви предрасуди. Ако некој бара утре тоа да го направиме и да сакаме не можеме. Две третини немаме, ниту треба, но јавно го кажуваме заради тоа што и Бугарите и Хрватите, и Црногорците и Египќаните и многу други етнички заедници ќе бидат вградени во нашиот Устав во очи на пристапувањето“, вели Заев.

Привремениот шеф на бугарската дипломатија во петокот изјави дека Бугарија би сакала да види ваков чекор од македонска страна, а во очекување на продолжување на преговорите Скопје – Софија.

Со ова не се согласува бугарскиот политиколог Минчев, кој вели дека официјална Софија нема интерес од признавање на бугарско малцинство во Македонија.

„Бугарија не е заинтересирана да бара признавање на „бугарско малцинство“ во Македонија. Крајно време е во бугарските институции, најмногу во Министерството за надворешни работи, да започнат да раководат компетентни луѓе и да се запре донесувањето парцијални одлуки. Големата „беља“ што ја направија разни „патриоти“, не може да биде поправена со нови „идиотски решенија“, извадени од контекст и национален интерес”, пишува бугарскиот политиколог на ФБ.

Од друга страна, Заев нема да бара од источниот сосед реципроцитет, односно вметнување на Македонците во бугарскиот Устав. Вели - тоа е мешање во внатрешните работи на друга држава и не е порака на пријателство.

Во пресрет на гласањето за предлог - резолуцијата која треба да донесе единствен државен став во преговорите со Бугарија, премиерот ја повика опозицијата да го прифатат амандманот со кој во документот ќе стои уставното име на земјава.

„Повикувам за амандманот да гласа и некој од ВМРО-ДПМНЕ, затоа што тоа е реалност во државата. Јас верувам дека тоа ќе им донесе добро и конечно да го направат тој пробив, за нив како политичка партија, но тоа ќе и помогне и на државата да се реалксираат работите,” вели Заев.

Придвижување за македонско – бугарска соработка кон ЕУ има и во американскиот Конгрес. Конгресмените Брендан Бојл и Џо Вилсон, кои ги предводат групите за пријателство со Македонија и со Бугарија, добиваат дополнителен ангажман.

Тие ќе раковидат со посебна конгресна Група која предвидува унапредување на односите со ЕУ.