Македонија
26. December 2018 - 16:38

Заев нема да биде претседателски кандидат, можни предвремени избори

Заев нема да ја брка фотелјата на Иванов. За најголемиот кабинет во вилата Анекс на Водно, премиерот и порача на јавноста да си бара други кандидати. За себе вели дека нема време воопшто да разговара за тоа се додека не заврши процесот за промена на името.

За избор на Претседател во вториот круг ќе биде потребно на гласање да излезат најмалку 40% од избирачите или некаде над 720.000 гласачи. За да се постигне цензусот, во изминатите неколку изборни циклуси претседателските се организираа во ист ден со парламентарните или локалните избори.  Без да ја исклучи оваа можност, Премиерот вели дека е оптимист дека на пролетните избори Македонија ќе успее да избере Претседател.

Изборните математики покажуваат дека постигнувањето на цензусот главно ќе зависи од тоа како опозицијата ќе се позиционира во изборниот процес. Но високи владини извори  брифираат дека во случај, ВМРО-ДПМНЕ да ги бојкотира изборите, власта е подготвена да го искористи двотретинското мнозинство и да ги измени законите, по што ќе може, Претседателот да се избира во Собранието.

Актуелниот шеф на државата Ѓорѓе Иванов на средината од мај го завршува својот втор претседателски мандат. Согласно Уставот, тој нема право повторно да се кандидира за шеф на државата.