Македонија
17. July 2019 - 16:06

Заев: Не сум функционерот со кој Јанева наводно се слушнала пред да и го земат телефонот

Стојам зад Катица Јанева се додека не се докаже дека е инволвирана во криминал. Премиерот Заев тврди дека немал никаков контакт со специјалната обвинителка ноќта кога полицијата ја спроведуваше акцијата во која паднаа Боки 13 и Зоран Кичеец. Порачува граѓаните да не веруваат во медиумски шпекулации.

„Значи може да прочитаме денес се и сешто. Јас за себе ќе кажам дека не сум се слушнал со Катица Јаева. (БЛИЦ) Јас за луѓе кои што се бореле за правдата, кои што покажале храброст, во време кога сите шупотеа и  шумолеа и те како стојам секогаш како личности. Додека не се докаже дека таа е инволвирана во криминал, секако дека стојам како личност. “ – вели претседателот на Владата ЗоранЗаев.

Заев не сакаше да шпекулира со имињата на функционерите на СДСМ кои деновиве кружат во медиумите а се поврзуваат со Рекетот. Уште еднаш порача дека ако се докаже вмешаност било кака функција во СДСМ никого нема да спаси од кривично гонење. Според Заев, правниот систем конечно профункционирал и тоа како што рече, го правело горд.
Дали странска држава била вмешана во откривањето на рекетот, Заев вели нема да си дозволи да шпекулира

„Го читаме тоа по медиуми. Го читаме по весници, по портали. Ќе му се јавите на бизнисменот ќе ви каже. Од кај да знам јас. Бугарија е наш пријател. Бугарија е голем пријател, еден од првите кој се бори за нашите интегративни процеси и тоа го докажува и премиерот Борисов, и бугарската држава секако, и апсолутно да шпекулирам дали тоа странска држава е инволвирана во некои криминални, кваизкриминални или било какви дејствија што се случуваат овде нема да си го дозволам никако. Јас од потенцијални непријатели или еве не наши пријатели, направивме наши пријатели, да си дозволам ваква работа, во никој случај.“ – вели Заев.

Шефот на МВР денеска порачува дека полицијата има капацитет да се справи со вакви случаи. На граѓаните им порача без исклучоци да ги пријавуваат сите случаи на корупција.

Случајот „рекет“ го изненадил и судскиот совет. Неговиот претседател вели дека не знае повеќе детали од она што го слушнал во медиумите.

-Преку средствата за јавно информирање дознав дека се води постапка за двајца осомничени, а против никој од СЈО. Да причекаме, како што рече и обвинителката за организиран криминал, да се извршат вештачења, да се изведат докази, да се утврдат факти, да се спроведе истрага, па да видиме кој е одговорен покрај овие двајцата. Дали има уште некој одговорен за таа работа, изјави Киро Здравев, претседател на Судски совет.

Завчера полицијата го приведе Бојан Јовановски во обид да ја напушти Македонија на граничниот премин Богородица. Синхронизирано, полицијата во истиот момент го уапси и Зоки Кичеец во ресторан во Скопје. Двајцата експресно добија по 30 дена притвор откако обвинителството ги осомничи дека рекетирале бизнисмени ветувајќи им дека ќе ги спасат од истрагите на СЈО.
Истата вечер беше одземен и телефонот на Катица Јанева која само неколку часа претходно си поднесе оставка.