Македонија
20. February 2020 - 17:02

Заев не е повикан за сведок во „Рекет“

И судијата во Рекет не забележала дека на снимките емитувани во судница се гледаат Вице Заев и адвокатот Ване Цветанов.

Според Васка Николовска Масевска, на видеото се гледале многумина снимени во грб па тешко било да се препознае кој седел со Зоки Кичеец..

Тврди дека 12 април не е термин до кој треба да заврши судењето за Рекет, првично планирала пресуда да има до 15 март. Судијата вели дека засега, поранешниот премиер Заев, не е меѓу 25-темина сведоци кои ги понудиле обвинетите и обвинителството.

Oд сведоците на предлог на одбраната Прв денеска сведочеше адвокатот Васил Димишков, брат на судијата Весна Димишкова која одреди притвор за осомничените во Империја.

Објасни дека не ја прифатил понудата на Камчеви да стане дел од адвокатскиот тим за случајот зашто сметал дека целта е неговата сестра да биде изземена од предметот..  Соработувал со Бојан Јовановски за предмети на Меѓународен сојуз и  1ТВ. Рекетираниот бизнисмен пак во своето сведочење тврдеше дека адвокатот Димишков му побарал 100 илјади евра за да обезбеди поблаги мерки за Камчев во предметот Империја.

„Ја кажа вистината за овој кривично-правен настан а кога тоа ќе го поврзете со исказот на сведокот на обвинителството, специјалниот јавен обвинител Лиле Стефанова, ќе дојдете до одредени заклучоци. Не станува збор дали сведокот исполнува листа на желби туку ја кажа вистината и ние ја постигнавме поентата за целта на водењето на овој предмет“, изјави Сашко Дуковски, адвокат на Бојан Јовановски.

Судењето за Рекет продолжува идната недела.. Пред судот ќе сведочат бизнисмените Владимир Тодоровиќ и Дејан Панделески.