Македонија
23. February 2017 - 11:29

Заев не дојде, повторно одложено рочиштето за „Поткуп“

Рочиштето за случајот „Поткуп“ кој се води против лидерот на СДСМ и градоначалник на Струмица Зоран Заев е одложено за 3 март.

Одложувањето е поради отсуство на Заев кој, како што извести одбраната, е во Сараево каде што треба да му биде врачена награда за најградоначалник на Југоисточна и Средна Европа.  

Денешното рочиште беше закажано откако претходно на 23 јануари адвокатите на Заев го оспорија застапувањето на јавниот обвинител Владимир Милошевски, а откако него го замени обвинителот Златко Биковски го оспорија и неговото застапување.

Според одбраната на Заев, на Милошовски му бил истечен шестмесечниот мандат во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за што приложија одлука на Советот на јавни обвинители објавена во Службен весник, според која Милошевски бил привремено распореден во Основното јавно обвинителство за организиран криминал и за корупција на 1 јуни 2016 година до 30 ноември, кога му истекол мандатот.

Според обвинението во случајот „Поткуп“, Заев се товари дека во својство на службено лице, како градоначалник на Струмица, од бизнисменот Иван Николов побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден квадратен метар градежно земјиште во Струмица, кое Николов бил заинтересиран да го приватизира.