Македонија
7. March 2018 - 16:24

Заев назначен за предводник на советот за следење на реформите во правосудството

Претседателите на Врховниот суд и Адвокатската комора нема да бидат дел од советот за реформи во правосудството. Наместо нив, во ова тело ќе седат претставници од двете институции.

На иста маса со премиерот Зоран Заев, имплементацијата на рефомите во правосудството ќе ги следат и јавниот обвинител Љубомир Јовески, специјалната обвинителка Катица Јанева, министерот за правда и неговиот заменик, претседатели на судови, народниот правобранител и две професорки по право.

Во телото за реформи не се застапени Судскиот совет и Советот на јавни обвинители како едни од клучните институции во овој сектор. Од Владата објаснуваат дека целта е овој Совет да биде  составен од практичари, а не од советници на премиерот.

Составот на новото тело е спорен и според ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата обвинува дека на овој начин се крши Уставот на Македонија.

СДСМ и директно се вмешува во судската власт преку телото за реформи во правосудството кое лично ќе го води Зоран Заев. Со тоа се руши дистинкцијата помеѓу судската и извршната власт, со што се руши основниот постулат на демократијата, поделбата на власта, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.