Македонија
17. February 2020 - 22:29

Заев: Нашиот народ е желен за правда, на ред е правосудството

Под мотото „Чекориме за правда за сите“ СДСМ маршираше од Собранието кон Кривичниот суд. Маршот го водеше претседателот на партијата заедно со партискиот врв.

Маршот е поддршка за пратениците кои гласаа за донесување на законите за Јавно обвинителство и за Совет на јавни обвинители.

Заев рече дека законодавната власт ги донела клучните закони, а сега на потег е судската власт да донесе правда.

-Вие Граѓаните со право сте незадоволни од правниот систем. И јас како индивидуа, но и сите ние во СДСМ не сме задоволни од испорачаното во областа на правната држава. Затоа решивме дека ни е потребно правосудство кое ќе одлучува и носи правда, а не правосудство кое застарува предмети, рече Заев.

Поддржувачите на партијата велат дека ќе има правда за да продолжи европскиот пат на Македонија.

Опозицијата остро реагираше откако Заев го закажа Маршот кој според нив е лицемерен. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во три години откако СДСМ е на власт, ниту еден криминалец не одговараше за своите дела.

-Три години замајуваа дека правосудството е отворено како пупка за сега да маршираат за право. Апсурд и класична хипокризија. Трите години на Заев беа години во кои тој си го злоупотреби правниот систем на Македонија за да си обезбеди ослободување за криминалите во кои беше фатен, но истовремено да креира политички случаи на прогон на сите кои што не размислуваа исто како него, рече Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Законот за Јавно обвинителство со двотретинско мнозинство беше донесен вчера пред распуштање на Собранието.