Македонија
26. August 2020 - 17:06

Заев најави: Учебната година ќе започне на 1. октомври

Учебната година ќе почне на 1 октомври, најави мандатарот Зоран Заев. Тој рече дека Владата навреме ќе ги донесе потребните законски измени, за да се пролонгира за еден месец стартот на наставата кој традиционално е на 1 септември. Според Заев за овој период ќе се прават подготовки за онлајн платформата, како и за безбедносните протоколи  на децата кои физички ќе тргнат на училиште.

- Се остава време за да се земат предвид сите аспекти на оваа, како што рече, комплексна проблематика, како подготовка на онлајн-платформата, безбедносните протоколи за децата, прашањето за чување на децата до 10 години итн., и тие ќе бидат на дневен ред на првата сеница на новата Влада.изјави мандатарот Зоран Заев.

Според информации на Сител на денешната владина седница министерството за образование доставило предлог за одложување на почетокот на учебната година кој законски е на 1 септември. Најверојатно измените на законите за основно и средно образование пред да бидат доставени во собранието ќе чекаат во понеделник потпис од новата министерка Мила Царовска.

До тогаш треба да се прецизира и во колку часот ќе почнува наставата, колку време ќе траат часовите и одморите како и останатите здравствени протоколи за децата од 1 до 3 одделение за кои родителите ќе одлучат да ги пуштат да одат на училиште.

За барањето на некои општини кои имаат помал број на ученици и стабилна епидемиолошка состојба сите деца да почнат со настава од училишните клупи, Владата одлучила за ова да проценува посебна комисија составена од претставници од Министерството за образование, здравство и од кабинетот на Премиерот.