Македонија
18. February 2019 - 17:04

Заев најави повлекување на дел од роднините на функционерите кои добија работни места по линија на непотизам

Премиерот Заев очекува дел од роднините на актуелни функционери да се повлечат од работните места во државни претпријатија. Тој веќе добил потврда  но не ги откри имињата на функционерите чии роднини ќе се повлечат. Анализите за начинот на кој се вработиле  се во тек рече Заев и  очекува неделава да бидат завршени по што јавно ќе ги соопшти. Премиерот уверува дека има одлични дефицитарни профили кои можат да бидат и побогати и понапредни доколку изберат да одат во приватните институции.

„Ќе ги соопштам јавно овие информации, но сакам да афирмирам до сите граѓани, како и до граѓаните кои се дел од семејствата на функционерите. Сите ние сме пример во ова општество, ако навистина сакаме да го потврдиме тоа што го зборуваме, дека подобро платени места има во приватниот сектор, дека простор за напредување има во приватниот сектор, дека растот на платите е во приватниот сектор. Јас верувам дека ќе имаме одлични примери на повлекување, и на тој начин ќе ја покажеме нашата совесност кон останатите граѓани, затоа што сите се еднакви пред законот и пред институциите, но она што треба да биде пример е етичкото однесување на сите функционери почнувајќи од мене па членовите на владата и парламентот, директори на институции и сл.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ обвинуваат за  нови случаи на непотизам повторно од пратеници на СДСМ. Станува збор за вработувања на блиски роднини на пратеничката Милева Ѓорѓиева од Радовиш за која велат дека го копирала моделот за вработување на колешката Мира Стојчевска.

- Имено освен што и се вработи синот во МВР како инспектор за јавна безбедност, радоста во семејството на Милева го дополнува и вработувањето на уште неколку други членови на семејството.Почитувани, прашуваме, дали е точно дека Љубица Илиева Ѓорѓиева снаа за син на Милева Ѓорѓиева е вработена во општина Радовиш на неопределено време?Дали е точно дека исто така Петре Партиков брат на Милева Ѓорѓиева е вработен како педагог во ОУ „Атанас Нивичански“ со несоодветно образование?Патем дали е точно исто така дека синот на Милева Ѓорѓиева, освен што добил вработување во МВР како инспектор, е поставен и за управител на РК Радовиш формиран од општината преку кој располага и со 5 милиони денари народни пари доделени од општинскиот буџет на општина Радовиш.

Антикорупциската комисија веќе отвори 18 предмети за роднини на функционери кои се вработиле во државни институции. Комисијата ќе утврдува дали при нивното вработување имало влијание и судир на интереси.