Бизнис
28. February 2020 - 18:00

Заев најави 600 евра просечна и 300 евра минимална плата, 100.000 нови вработувања

100.000 нови работни места, просечна плата од 600, а минимална од 300 евра вети лидерот на СДСМ доколку ја добие довербата од граѓаните на изборите на 12 април. Заев денеска ја презентираше економската програма 20-24, во која најави рекордно ниска стапка на невработеност од 8 отсто, но и намалување на невработеноста кај младите под 20 проценти. Вети и зголемна поддршка за бизнисот.

- Ако можевме за 2 и пол години да отвориме конкретни, јасно видливи работни места, главно во реланиот сектор, знаеме и можеме за полн мандат од четири години да отвориме 100.000 работни места. Поддршката за домашните и странските инвестиции ја зголемуваме и ја проектираме на 300 милиони евра до крајот на мандатот. На ова додаваме уште 300 милиони евра европски средства за развој на домашната економија. Тоа се вкупно 600 милиони евра за развој на бизнисот, за развој на фирмите, за нови работни места, за иновации, за стартапи, за младите...., рече Заев.

Според Заев, вложувањето во човечкиот капитал е вистинскиот пат и поради тоа платите на вработените во образованието ќе се зголемат за 20 отсто. А, како што најави, ќе продолжи и субвенционирањето на придонесите за сите компании кои ќе ги зголемат платите од 600 до 6.000 денари по вработен. Лидерот на СДСМ најави и целосен поврат на персонален данок за обука, дообука и преквалификација.

-Ги унапредуваме условите за работа во ИТ индустријата која е генератор на илјадници доброплатени работни места. До 2023 година персоналниот данок во ИТ индустријата го намалуваме до 0 проценти или заедно со мерките на повраток на персоналниот данок директно во самата индустрија, конечно 0 проценти да плаќаат сите во ИТ индустријата. Ќе развиеме и еден цел модел на номади и слични меѓународно признати механизми за развој на оваа важна индустриска гранка, рече Заев.

Според економската програма 20-24, за младите и за жените ќе се обезбедат грантови од 5 до 15.000 евра  за отворање на компаннии, а државата ќе го преземе поголемиот дел од ризикот при евентуалниот неуспех на фирмата. Ќе се враќа и персоналниот данок за нововработени до 29 години во првите две години, а парите ќе одат директно на смеките на младите.

Освен тоа, Заев најави и рационализација на јавната администрација, бидејќи според него, на Македонија и е потребна квалификувана и ефикасна јавна администрација.