Македонија
24. May 2017 - 16:38

Заев на вечера кај Могерини, добрососедските односи и проширувањето тема на разговор

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, вечерва во Брисел ќе го пречека мандатарот за составување на македонска Влада Зоран Заев и пет актуелни премиери на останати балкански држави на неформална вечера во Европската дипломатска служба. Пред овој состанок, Могерини на прес-конференција посочи дека истата е со цел овие претставници на Македонија, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, заедно со Унијата да се договорат како да работат подобро зеднички во иднина.
 
- Видовме дека Западниот Балкан е регион кој е клучен за ЕУ, кога станува збор за безбедноста и за превенција од радикализација. Имаме силна соработка со нив во однос на менаџментот на миграцискиот наплив и менаџирање на нашите граници. Често велам дека не говориме за европска парспектива на Западниот Балкан, бидејќи тие се веќе Европа, но поентата е за перспективата за членство во Европската унија на овие земји и токму тоа е причината и целта на вечерата што ги поканив премиерите и определениот за премиер од шест западно-балкански партнери. Токму со нив сака да ја споделиме состојбата во регионот, начинот како да се движи напред и како ЕУ може да ги засили можностите и перспективите за добрососедски односи во регионот. Зголемена соработката меѓу нив и со Унијата, како и консолидација со она што го нарекуваме трансформирачка моќ од перспективата за членство во Европската унија. Целта е да се развијат инклузивни општества, добро управување и широки економии - додаде Могерини.
 
Инаку, според информациите од Европската служба за надворешни работи на Европската унија, неформалната вечера на Могерини со петте премиери и определениот за премиер од шест западно-балкански држави се очекува да започне околу 20:00 часот. Претходно, Високата претставничка на Унијата има предвидено и билатерални средби со Зоран Заев од Македонија, но и со премиерите Александар Вучиќ (Србија), Иса Мустафа (Косово), Денис Звиздиќ (БиХ), Еди Рама (Албанија) и Душко Марковиќ (Црна Гора).