Македонија
2. July 2018 - 16:29

Заев на Твитер: Македонски јазик и народ-заштитени и зајакнати! Mакедонски идентитет, ерга омнес

Македонски јазик и народ - заштитени и зајакнати, еднаш засекогаш, дома и во странство. Македонски идентитет, erga omnes.

Со овој текст на фотографија од споменикот ,,Македониум‘‘ во Крушево, премиерот Заев ја почна твитер-кампањата за референдумот за промена на името.

Објавата на Заев, во која пишува дека службен јазик на нашата држава е македонски јазик, преведлив на сите јазици во светот, што ќе се користи слободно насекаде, во Обединетите Нации, во НАТО, во ЕУ, и во сите официјални институции и настани, не помина незабележително и кај грчките медиуми, кои пишуваат дека добивањето на македонскиот идентитет во преговорите со Грција е главното оружје со кое Заев ќе бара позитивно изјаснување од граѓаните на референдумот.

Токму, отстапувањето на идентитетот продолжува да биде главна тема на дебата меѓу грчките партии и грчката јавност.

Заменик министерот за надворешни работи, Катругалос, за телевизија Антена изјави дека нивната цел била да не се дозволи, земјава да го задржи само името Македонија, без одредница и тоа да биде ерга омнес, а за возврат го отстапиле правото да се именуваме како Македонци со македонски јазик.

Катругалос вели дека владата е подготвена да ја плати политичката цена, во случај договорот да не се спроведе целосно во Македонија, од што Грција се заштитила.

,,Ние предвидовме дека тие прво треба да си ги завршат сите обврски, а тоа е спроведување на референдумот и промени во уставот, а дури потоа договорот да дојде во нашиот парламент‘‘, изјави Катругалос.

Катругалос е убеден дека во Парламентот ќе обезбедат мнозинство и покрај најавите дека коалициониот партнер Каменос ќе ја напушти владата кога ќе треба да се гласа за договорот и побара гласање со мнозинство од 180 пратеници.

Поддршка за Ципрас, пак дојде од партијата Река која ја напушти коалицијата ,,Движење за промени‘‘, токму поради несогласување за договорот во рамките на коалицијата.

Река, која има 6-мина пратеници го поддржува договорот од Преспа и со нејзините гласови премиерот Ципрас може да обезбеди мнозинство и покрај одбивањето на својот коалиционен партнер Независни Грци.

Дополнително, Катругалос тврди дека бројката нема да застане на 151 пратеник, туку дека ќе имаат многу повеќе.

Валентин Николоски за Сител Телевизија.