Македонија
23. July 2017 - 9:23

Заев на средби со Звиздиќ и други претставници на властите во БиХ

Премиерот Зоран Заев и членовите на македонската владина делегација кои престојуваат во дводневна официјална посета на Босна и Херцеговина, денеска во Сараево ќе имаат повеќе средби со високи претставници на Советот на министри и на Претставничкиот дом на Парламентарното Собрание, како и со Претседателството на БиХ и со лидери на одделни политички партии.

По средбата со претставници на Советот на министри на БиХ, планирани се изјави на премиерот Заев и претседавачот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ. 

Во состав на македонската делегација, како што соопшти прес- службата на македонската Влада, се и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за земјоделство Љупчо Николовски, министерот за култура Роберт Алаѓозовски и министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми.   

Во рамки на посетата предвидено е да биде потпишан меморандум за разбирање меѓу македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за надворешна трговија и економски односи на БиХ, како и потпишување на Програмата за културна соработка меѓу македонското Министерство за култура и Министерството за цивилни работи на БиХ.

Според агендата, предвидено е македонскиот премиер заедно со претседавачот на Советот на министри на БиХ да положат цвеќе на спомен обележјето на трагично загинатиот македонски претседател Борис Трајковски и членовите на неговата делегација.

Премиерот Заев заедно со Звиздиќ ќе присуствува во Мостар на манифестацијата „Мостар не ги заборава пријателите“ каде ќе му биде врачена наградата „Mostar Peace Connection“ и ќе биде потпишан документот „Мостар повелба на мирот“.