Македонија
2. јуни 2021 - 16:12

Заев: Мојот прв опонент Мицкоски „С“ од Северна не употребува, може да замислите што ќе биде во државата

Премиерот Зоран Заев смета дека парламентарното мнозинство може само да расне, а никако да се намалува и, како што рече, во тоа е уверен пред се поради добрите политики кои ги спроведува власта во сите сфери. Тој вели дека нема потреба да се оди на предвремени парламентарни избори и оти власта треба да истера еден цел мандат, да покаже што умее и граѓаните да го почуствуваат бенефитот.

Заев најави дека за претстојните локални избори СДСМ ќе коалициира со партнерите со кои и сега е заедно, но, како што рече, дополнително ќе се одлучува дали тоа ќе биде за првиот или вториот круг од изборите.

– Одговорно тврдам дека парламентарното мнозинство може да расте, а не да паѓа. Ќе се обидам на наједноставен начин тоа да го објаснам, а е врзано со политиките кои ги води власта предводена од СДСМ и опозицијата од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е основата дали ќе има миграција на пратеници од лево кон десно или од десно кон лево. Нека ценат сите стручни експерти дали има реална основа да ја зголемиме бројка на поддршка на пратеници на сето ова што го зборуваме за проекти, европска интеграција, за подобрување на државата, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по увидот во изградбата на детска градинка во општина Аеродром.

Добрите политики, нагласи тој, се отсликуваат и во држење и на стабилното мултиетничко општество, јасните економски перспективи, економски мерки кои повлекуваат зголемување на просечната и минималната плата, како и подобар стандард на граѓаните воопшто.

– Тоа се политики на оваа Влада. Сето друго е ризикот кој треба да го прифатиме. Мојот прв опонент Христијан Мицкоски „С“ од Северна не употребува, може да замислите што ќе биде во државата. И, зошто да одиме на парламентарни избори? Зарем не е потребно да дадеме еден мандат од четири години конечно и власта да покаже што може и економските бенефити да ги почуствуваат граѓаните, истакна премиерот.

Сите овие политики кои ги спроведуваме години наназад, рече Заев, без разлика дали се работи за Договорот со Бугарија, Законот за употреба на јазиците, Договорот со Грција, членството во НАТО… тоа се е заради поголем економски стандард и поквалитетен живот на граѓаните.

Тој не исклучува можност за коалицирање на СДСМ на локалните избори, но не прецизираше дали тоа би се случило во првиот или вториот круг.

– Локалните избори се поразлични од парламентарните и претседателските избори, но ние имавме коалиции и на овие избори зошто, па не би имале и на локалните. За претседателските избори во 2019 направивме најголема коалиција. Тоа го направивме и на парламентарните избори. Верувам дека можеме, бидејќи во единството е силата. Ќе правиме коалиции, прашањето е дали ќе бидат и колку во обем уште во првиот круг и колку во вториот круг, нагласи премиерот Заев.

Локалните избори, посочи тој, се избори на личности на кои партиите имаат влијание, но, не толку силно.

– На локалните избори самата личност за советник и градоначалник е важна и од нив ќе зависи дали ќе има коалиција или не. Ако ги прифатат нашите максимално добро избрани кандидати ќе не поддржат уште во прв круг или обратно ние нивните кандидати, нагласи премиерот Заев.