Македонија
21. July 2019 - 12:44

Заев: Мицотакис е искусен политичар кој сигурно ѝ мисли добро на својата земја

 Господинот Мицотакис е искусен политичар и сигурно ѝ мисли добро на својата земја и на своите соседи, па и на целиот балкански регион, вели премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев во интервјуто објавено на грчката телевизија Алфа, а направено во Скопје, три дена пред изборите во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Заев во интервјуто објавено во два дела, секој дел во траење од околу три минути, говори за Договорот од Преспа, за зближувањето на народите, за економската соработка, за неговото пријателство со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, вели дека во нашата земја ќе остане запаметен како човекот под чие лидерство е сменето името на земјата.

Потенцира дека во зависност од тоа како некој го гледа договорот, може да каже дека е добар или лош, но изразува верување дека сите ќе гледаат кон иднината и нема да има враќање назад.

– Ги имам следено внимателно ставовите на господинот Мицотакис, секако неговиот коментар дека договорот не е добар ни е познат. Договорот, веројатно ако гледаме низ призмата на двете земји можеби подеднакво не е добар или подеднакво е добар. Јас верувам дека сите заедно ќе гледаме напред, нема да се враќаме назад. Господинот Мицотакис е искусен политичар и сигурно ѝ мисли добро на својата земја и на своите соседи, па и на целиот балкански регион, вели Заев во интервјуто направено пред изборите во Грција и пред Мицотакис и официјално да стане премиер на земјата.

Премиерот коментира дека сега Грција за нас е нов пријател и стратешки партнер и тоа не е мала придобивка.

– Јас сум човекот овде во Северна Македонија, кој ќе остане запаметен дека под негово лидерство е сменето името на нашата земја. Но, и како во едно семејство, некогаш во животот мора да направите одредени чекори, не толку среќни, не толку што ве исполнуваат, но заради добро на децата, за добра иднина на семејството, но и на соседството заедно ги правите ваквите чекори. Сега имаме нов пријател и стратешки партнер Грција. Зарем тоа е мала придобивка која што ја добивме? Тоа е голема работа за мене, вели Заев, пренесе МИА.

Премиерот коментира дека со договорот направен е првиот чекор, а сега веќе помагаат и граѓаните.

– Еве помина една година од договорот. Двете земји не изгубија ништо, има само придобивки. Трговијата меѓу двете земји е зголемена за 20,5 отсто само за една година. Ако граѓаните од Република Северна Македонија, повеќе од милион посети правеле годишно во Грција, оваа година, ова лето, ќе биде повеќе од еден и пол милион за да го поддржат туризмот во Грција, вели Заев.

Тој ги споменува и бизнисмените кои дојдоа во Скопје со Ципрас, и верува дека нема да има само грчки инвестиции кај нас, туку и компании од Северна Македонија ќе инвестираат во Грција.

Заев во интервјуто говори и за точките регулирани со договорот, во однос на јазикот и словенските корени, вели дека во минатото „обидот да се промени и извитопери нашата историја без да се води сметка како тоа влијае кај соседите се предизвика состојба да бидеме буквално скарани скоро со сите соседи и се затворија сите процеси за интеграција во ЕУ и НАТО“, а во однос на Договорот од Преспа истакнува дека нашата земја има намера да ги исполни сите обврски.

-Во самиот договор има услови ако една од страните не ги исполни своите обврски, како постапува другата страна. Но, нашата намера е да ги исполниме сите обврски, секако или како две страни во договорот, но истовремено да гледаме уште повеќе напред од овој договор, вели премиерот.

Заев го споменува и неговото пријателство со поранешниот грчки премиер и додава дека пријателство треба да постои и меѓу народите од двете земји.

-Јас стекнав пријател кај господинот Алексис Ципрас премиерот на Република Грција кој што пријател ќе ми остане сигурно до крајот на животот. Но, сакам да бидам пријател со сите во Грција затоа што нашиот народ треба да биде пријател со грчкиот народ, вели премиерот на Република Северна Македонија.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, интервјуто со премиерот Заев го направи грчкиот новинар, Јоргос Лианис, кој воедно на два пати во минатото беше и заменик министер за спорт во владите на ПАСОК во периодот 1993-1996 и 2002-2004, а од 1989 до 2011 беше пратеник од истата партија.

Интервјуто со Заев беше објавено на грчката телевизија „Алфа“, во два дела во централните изданија на вестите во петокот и вчера, во траење од околу седум минути, а како што објасни и самиот новинар, било снимено три дена пред изборите во Грција на 7 јули.