Македонија
13. May 2021 - 13:40

Заев: Мицотакис често ме контактира за помош околу пандемијата

Мицотакис често ме контактира, обидувајќи се да најде начин како да ни помогне за време на пандемијата, откри премиерот Зоран Заев говорејќи на Делфи економскиот форум во Атина, објаснувајќи дека законските аспекти на Фајзер биле пречка, Грција да понуди помош со вакцини, но и додаде дека за Македонија, лани од јужниот сосед стигнала опрема вредна над два и пол милиони евра, јави дописничката на МИА од Атина.

– Со премиерот Мицотакис изградивме многу позитивни односи, многу позитивна соработка. Морам да споделам со грчките граѓани дека тој многу често ме контактира, обидувајќи се да најде начин како да ни помогне за време на пандемијата. Бидејќи земјите членки на Европската Унија, немаат повеќе вакцини, но имаат порано од нас. Понуди многу можности, но законските аспекти од договорот со Фајзер беа проблематични. Но, Грција, сподели 2.650.000 евра опрема, различен вид на опрема за време на драматичните месеци минатата година, кога бевме под притисок, откри претседателот на Владата на Македонија, додавајќи дека „ние сме земја во развој, тогаш ни беше потребна помош, а Грција беше прва што ни излезе во пресрет”.

Говорејќи за односите со актуелниот грчки премиер, Заев рече дека сега, кога Договорот од Преспа е завршен, фокусот е на соработката, особено во економијата и енергетиката.

Рече дека е финализирана целата документација и основниот дизајн за изградба на интерконекторот меѓу двете земји, а со „Хеленик петролеум” се разговара за почеток на работата на нафтоводот што ќе ги поврзе Скопје и Солун.

Во 16 часот по локано време, премиерот Заев ќе се сретне и со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис, а за разлика од претходната нивна средба во Атина во септември мината година, кога беа на работен ручек, овој пат, Мицотакис ќе го прими Заев во неговиот кабинет, во премиерската палата.

Во дијалог со уредникот на „Катимерини” Атанасиос Елис, премиерот Заев, на шестиот Делфи економски форумговореше за Договорот од Преспа, соработката со Грција, за односите со актуелниот грчки премиер, но и со поранешниот премиер, за нашето членство во НАТО, но и за бугарската блокада на нашиот пат кон Унијата.

За Договорот од Преспа, три години по потпишувањето, Заев рече дека тогаш, се нашол во одговорна позиција, да направи чекор и истакна дека имал среќа што од другата страна го имал Ципрас, кој исто така бил подготвен да направи чекор за неговата земја и се согласиле дека треба да се грижат еден за друг низ процесот и дека ќе сторат сѐ за да се постигне договор и да се отвори иднина за следните генерации.

-Среќен сум што граѓаните, институциите, државите, ги чувствуваат придобивките од договорот, а тоа носи подобра соработка меѓу сите нас, од двете страни на границата, резултира со подобар економски стандард, повеќе работни места, учење еден од друг, споделување искуства, и позитивни и негативни искуства, нешто што навистина е потребно да го прават соседите, истакна Заев и додаде дека е среќен што имал чест да учествува во склучувањето на Договорот, за кој рече „подобро некогаш отколку никогаш“.

Според него, со Договорот, Балканот покажа дека се можни решенија преку дипломатија и дијалог.

-Тоа го сторивме за подобар Балкан, за Балкан на 21 век, бидејќи навистина, идејата за Балканот за останатиот свет беше дека секогаш е темпирана бомба. Тоа е проблематична ситуација. Сега покажавме дека преку дијалог и дипломатија може да се постигне таков вид на договор, рече премиерот.

Го спомена и членството на НАТО, рече дека за нас значи безбедност и гаранција, се осврна и на надгледувањето на нашиот воздушен простор од авиони на грчкото воено воздухопловство и нивното учество на церемонијата за годишнината од членството во Северно- атлантската алијанса, истакнувајќи дека тоа значи и постоење меѓусебна доверба .