Македонија
19. August 2021 - 11:36

Заев: Мицкоски не е спремен да вози велосипед во мултиетничка средина

На денешното пуштање во употреба на спортската сала во ООУ „Александар Здравковски“ во Јегуновце премиерот Заев одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавата на Мицкоски дека во завршна фаза се разговорите со опозициските албански политички партии за заеднички настап на локалните избори, кажа дека Мицкоски се уште не е спремен да вози велосипед во мултиетничка средина.

- Јас ќе искористам една убава реченица кажана од една паметна жена, во мултиетничките средини политиката, животот и работењето е како возење велосипед, и ако престанете да ги вртите тркалата тогаш ќе паднете, значи мора постојано да ги вртите. Јас се надевам дека Мицкоски ќе се качи на велосипед и ќе тргне конечно да ги врти тркалата. За жал се уште тој не е спремен и јас очекувам граѓаните да се изјаснат согласно севкупните перспективи, свои и за своите општини и да ја изберат најдобрата понуда која ја имаат на располагање, рече Заев.