Македонија
12. September 2018 - 16:35

Заев: Мицкоски ги става во заблуда граѓаните со ставот да ги остави да постапуваат по сопствено убедување

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ ги става граѓаните во заблуда. Премиерот Заев не е сигурен дека повикот на Мицкоски граѓаните на референдумот да дејствуваат по сопствено убедување не е и повик за бојкот. Тој му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека ако сака ТВ дуел со него, мора јавно да повика на гласање

Заев да не бега од ТВ дуел и од соочувањето со штетите кои и ги направи на Македонија, вратија од ВМРО-ДПМНЕ чиј лидер вчера јавно побара со премиерот да ги вкрстат аргументите на телевизиска дебата. Ваквиот став на ВМРО-ДПМНЕ дојде по вчерашната седница на Централниот комитет по која Мицкоски, како и што се очекуваше ги повика граѓаните сами да решат што ќе прават на референдумот

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ваквиот став на партијата добил поддршка од најголемиот дел од членовите на Централниот комитет иако признаваат дека имало и различни мислења кои се движеле од тоа граѓаните да се повикаат на гласање па се до партијата да тргне во кампања за бојкот на референдумот.

Дека имало различни мислења потврди и партискиот потпретседател и градоначалник на Кавадарци Митко Јанчев кој во изјава за медиумите порача дека гласал против оваа одлука на неговата партија и дека неговиот став е дека треба граѓаните да се повикаат на гласање.

Извори од опозициската партија за Сител велат дека станува збор за личен став на партискиот потпретседател и дека тој има право на тоа, но официјалниот став на партијата е оној кој вчера го соопшти лидерот Мицкоски.