Македонија
24. September 2019 - 11:10

Заев-Мамадиаров: Наскоро преговори за целосно заемно укинување на визите со Азербејџан

Можноста за укинување на визите и за соработка во енергетиката биле меѓу темите на разговор на средбата на премиерот Зоран Заев, со шефот на делегацијата и министер за надворешни работи на Азербејџан, Елмар Мамадиаров на маргините на 74-тото Генерално собрание на ОН во Њујорк.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата на која Заев бил придружуван од вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, двајцата соговорници изразија заедничко задоволство од односите меѓу двете земји исполнети со пријателски односи и разбирање.

- Премиерот Заев во разговорот со министерот за надворешни работи на Азербејџан изрази поддршка за реформите и дијалогот што оваа земја го остварува во рамките на Акцискиот план за партнерство со НАТО, како и за определбата на Азербејџан да постигне заеднички политички приоритети со Европската Унија. На средбата премиерот Заев ја нагласи и подготвеноста на Владата на Северна Македонија да ги поддржи идеите за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, особено во енергетиката со Азербејџан како земја која е партнер на Транс-Јадранскиот гасовод (TAP-Trans-Adriatic Pipeline), стои во соопштението.

Една од првите мерки во таа насока, се наведува, е укинувањето на визите за граѓаните на Азербејџан во наредниот период. Во блиска иднина се очекува да започнат преговорите на двете земји за целосно укинување на визите за куси престои за граѓаните на двете земји.

Инаку, премиерот Заев, кој ја предводи владина делегација  на 74. Генерално собрание на Обединетите нации, во Њујорк, според грчки извори денеска треба да има средба со грчкиот премиер Коријакос Мицотакис. Ова ќе биде прва средба на двајцата премиери откако Кирјакос Мицотакис победи на изборите што се одржаа на почетокот на јули во Грција.

Во агендата на Заев е предвидена и официјална средба со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, како и присуство на приемот на покана од претседателот на САД Доналд Трамп и сопругата Меланија по повод одржувањето на 74-тото Генералното собрание на ОН.

Официјалното обраќање на премиерот Заев на Генералното собрание на ОН е предвидено за сабота во претпладневната сесија.

Во состав на владината делегација се и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини. Министрите ќе учествуваат во работата на форумите во рамки на четирите самити кои годинава се посветени на климатските промени, на универзалниот пристап до квалитетни здравствени услуги, на целите за одржлив развој и на финансирање на развојот.