Македонија
29. December 2020 - 8:37

Заев: Македонскиот идентитет и јазик се европски вредности, за нив ниту се разговара, ниту се преговара

За идентитетот како европска вредност не се преговара. Македонскиот идентитет на македонскиот народ и македонскиот јазик апсолутно се величина како што се бугарскиот, германскиот, францускиот, италијанскиот, чешкиот, полскиот… Тоа е европска вредност и за такви вредности, ниту се разговара, ниту се преговара, порача вчера премиерот Зоран Заев. Најави дека очекува напредок во разговорите со Бугарија по завршувањето на изборите кај источниот сосед.

Заев истакна дека во моментов нема разговори со Софија, бидејќи се празници и најави дека по празниците ќе продолжат со изработка на акцискиот план.

– После празниците ќе одржиме координација со МНР, заедно со специјалниот претставник за Бугарија, професорот Бучковски, да продолжиме во делот на утврдувањето на акцискиот план, а тоа е планот што го изработивме на наш предлог под раководство на министерот Бујар Османи за покривање на сите области од спортот, до инфраструктурата, образованието, културата, музиката, здравството, науката… Очекуваме повратен одговор од Бугарија, откако ќе завршат празниците заради тоа што очекуваме да го надополнат со нивни идеи, рече Заев.

Иако во Бугарија се пред избори, додаде премиерот, мислиме дека за добробит на двете страни, на политиката, на граѓаните и на државите би било секое понапредно реализирање на акцискиот план.

– Ќе продолжат и политичките контакти под раководство на двајцата министри за надворешни работи и реално очекувам напредок по завршувањето на изборите во Бугарија заради тоа што е нерационално да се очекува да се донесе некое решение пред изборите, посочи Заев.

Тој нагласи дека Владата ќе продолжи со пријателство и објаснување на, како што рече, сето она што претставува резерва или незадоволство од бугарската страна, кое често го викаат незадоволство од динамиката на реализација на Договорот за пријателство. Зедничка е, посочи Заев, обврската на двете страни да обезбедиме инфраструктура која ќе овозможи повисок економски раст и развој.

– Се она што претставува кај нив незадоволство, ние ќе го објасниме. Сакавме побрзо да ја направиме железничката пруга на Коридорот 8, зашто е во интерес на целиот македонски народ и сите народи кои живеат во државата, но за жал динамиката не е онаква како што сакаме. Не може да се реализира за година до две. Земавме кредити имаме и грантови од ЕУ и ќе се потрудиме побрзо да ја реализираме. Но, се надевам дека и Бугарија ќе почне нешто да гради како преминот Клепало или железничката линија која треба да се изгради по бугарската граница, појасни Заев.

Претседателот Стево Пендаровски во синоќешното интервју за Националниот сервис вели дека во пристапот со Бугарија не треба ништо да се менува и оти не гледа потреба од потпишување анекс на Договорот за добрососедство.

– Во однос на Бугарија направивме се, со најаргументирани ставови и барања да допреме до нив и да им кажеме дека ова што ние го предлагаме е во рамките на европските вредности и принципи. И се обидовме на секаков можен начин, формално и неформално, директно, не преку посредници, директно им кажуваме дека има работи за кои и вие не би преговарале, кога би биле во наша ситуација, истакна Пендаровски.

Вели дека тие нема за што да разговараат како Бугари, кои зборуваат бугарски јазик со Македонците кои зборуваат македонски јазик и оти нивниот јазик никој не го спори. Подвлече дека јазикот и идентитетот се основно човеково право и оти не може никој да ти кажува кој си и што си.

-Прашање на идентитет и јазик не е работа на муабет, туку е лична работа за тоа како јас се чувствувам и како се декларирам. Базично човеково право на самодекларирање и на самоопределување. Не би требало да смениме ништо во тој настап, отсега натаму, само треба да почекаме од другата страна, во Софија, не да дојдат нови луѓе на власт, туку истиве луѓе да сфатат ако ви беше мотивот, еве имате избори, евентуално да поминете подобро на тие избори, изборите завршија, дајте имате цел мандат пред вас да се свртиме кон рационалните аргументи. Бидејќи овие досега не беа рационални аргументи, дециден е Пендаровски.

Информира дека пред два месеци имал долг и коректен разговор со бугарскиот претседател Румен Радев, при што разговарале со аргументација.

-Немаше етикети во тој разговор како што на пример употребува Каракачанов, и некои други политички радикали од таа страна. Разговаравме со аргументација. Тој инсистира на некој додаток на билатералниот договор, вели мора да имаме правна гаранција дека вие мора да го исполните договорот од 2017. Јас му реков не гледам потреба од анекс на Договорот, некаков посебен правен формат на она што е веќе договор, затоа што вие не мора да имате правна гаранција, вие мора да имате политички можности да не блокирате утре по било која основа, не за јазик и идентитет, за што сакате, рече Пендаровски.

Оцени дека овој спор што е наметнат од нивна страна е по дефиниција политички и оти нема никаква врска со правото.

-Во договорот од 2017 никаде не пишува дека ќе разговараме за македонскиот јазик пред 1944 да се напише во правна форма, дека бил бугарски. Тоа не е договарано, тоа не е ни помислувано од страна на преговарачите тука во Скопје. Анекс на договорот во принцип се пишува кога нешто сакаш да дополниш во основниот договор или евентуално да се допрецизира, рече претседателот Пендаровски.

Весникот „Брисел тајмс“ денеска се осврна на прашњето меѓу Македонија и Бугарија во контекст на проширувањето на ЕУ. Вели дека иако Германија тврдеше дека проширувањето на ЕУ, а особено официјалниот старт на преговорите за членство со Македонија и Албанија, се важен приоритет за нејзиното претседавање со ЕУ, но сепак доби непријатно изненадување од Бугарија, која стави вето на пристапните разговори со Скопје, поради спорот околу јазикот, историјата и наследството.

– Бугарската блокада можеби изгледа неочекувана имајќи предвид дека Владата на Бојко Борисов е една од најблиските сојузници на канцеларката Ангела Меркел во Источна Европа. Иронично, самата Влада на Борисов се фокусираше на „европската перспектива“ на Западниот Балкан кога Бугарија претседаваше со Советот на ЕУ во првата половина на 2018 година. Дури и покрај личното барање на Ангела Меркел, Бугарија и Македонија да ги надминат своите разлики, по можност пред крајот на германското претседателство, брзото решение се чини дека не е на повидок, оценува електронското издание на „Брисел тајмс“.

Весникот посочува дека иако многумина ја обвинуваат Бугарија за недостиг на геостратешка визија и за попречување на напредокот на Балканот од себични причини, сепак целиот случај има корени во „кризата на проширување на ЕУ“.

„Брисел Тајмс“ наведува дека Владата на Борисов тврди оти Македонија намерно го крши Договорот за пријателство што двете земји го потпишаа во 2017 година и кој беше поздравен од највисоките претставници на ЕУ, политичарите и политички аналитичари, а некои експерти дури го нарекоа и „историски“.

– Тогашната висока претставничка на ЕУ Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан беа меѓу најголемите оптимистите: тие сметаа дека договорот е „инспирација за целиот регион“. Германскиот министер за надворешни работи во тоа време Зигмар Габриел изјави дека фактот што двете земји го потпишаа договорот толку брзо откако Владата на Зоран Заев стапи на должност е „извонреден“ чин и испраќа „важна порака за успешната билатерална и регионална соработка на Балканот”, потестува весникот.

„Брисел Тајмс“ посочува дека иако договорите за пријателство имаат различни форми и големини, овој меѓу Бугарија и Македонија има „прилично чудна одредба“.

– Неговиот член 8 став 2, на кој инсистира Владата на Борисов и кој е во основата на ветото на Бугарија, бара двете земји да формираат „Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, со цел да придонесат за објективно, научно толкување на историски настани, засновани врз автентични докази и историски извори”. Како што се чини според јавно достапни информации, оваа одредба се толкува дека експертската комисија треба да постигне заеднички наратив за различни настани од Средниот век до Втората светска војна. Исто така, видливо е дека и двете страни се обидуваат во оваа комисија да ги наметнат своите ставови како крајна историска вистина, смета изданието.

Според брислескиот медиум, настрана од очигледната општоприфатена мудрост дека вистината е релативна и дека истите факти може да се читаат на различни начини, оваа идеја на Бугарија и Македонија, онака како што е замислена, води кон ќорсокак.

– Некои политички аналитичари правеа паралели помеѓу експертската комисија на Бугарија и Северна Макесонија со германско-француската Комисија за учебници, но тоа се чини погрешно. Германско-француската соработка во областа на толкувањето и изчувањето на историјата датира од најмалку од 1935 година, кога се одржа првиот состанок на историчарите од Франција и Германија. Тоа започна како иницијатива на професорите загрижени за непријателските историски наративи за што академските историчари имаа слух, а тие и немаа строг краен рок наметнат од политичарите како што е случајот со Бугарија и Македонија, смета „Брисел Тајмс“.

Според изданието, дополнително, членови на бугарско-македонската експертска комисија не само што излегуваат со различни историски оценки во јавни изјави и интервјуа, туку исто така имаат различни ставови за тоа дали Бугарија и Македонија воопшто имаат заедничка историја.

„Брисел Тајмс“ смета дека доколку Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Македонија ја немаше оваа одредба за историјата, Владата на Борисов ќе немаше вистинска алатка за притисок со псевдо-правна основа на која може да се потпре.

– Пред да ја обвините Бугарија за користење на оваа алатка, размислете зошто оваа одредба е дел од Договорот. Одговорноста може да им се припише и на владите на Бугарија и на Македонија, кои се обврзаа да отворат контроверзни историски теми за што не беа подготвени ниту нивните општествата, ниту нивните историчари, смета изданието.

Според „Брисел Тајмс“, француско-германското искуство во овие прашања покажува дека иницијативите може повеќе да дадат плод доколу потекнуваат оддолу нагоре, отколку од горе надолу.

– Се разбира, политичарите можат да придонесат за создавање услови за созревање на општествата за дијалог – од културна размени на студенти, професори и академици, преку заеднички историски конференции, до редовни разговори меѓу здруженија на наставници. Сепак, се чини дека суштината е во трпеливоста, а не во притисокот, заклучува „Брисел Тајмс“.