Македонија
4. December 2018 - 14:07

Заев: Македонија е за добрососедски односи и соработка во регионот

 Република Македонија е подготвена да продолжи да ги предводи позитивните процеси во регионот што носат стабилност и економски развој, порача премиерот Зоран Заев во своето обраќање на Самитот на шефови на влади на Централно европската иницијатива (ЦЕИ) во Загреб, чиј домаќин е премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ.

Во фокусот на самитот се изградбата на стабилност, просперитет и унапредување на соработката меѓу државите во регионот, Европа и светот. На самитот, информираат од владината прес-служба, учествуваат претставници од 18 земји членки, меѓу кои и премиерите на Албанија и на Словачка, а присутни се и еврокомесарот Јоханес Хан, претседателот на ЕБРД, Сума Чакрабарти, високи претставници на ОБСЕ и на Советот на Европа.

-Македонија е подготвена да ја продлабочи и прошири соработката во регионот, низ добрососедски односи, и во овој контекст, постигнавме големи резултати. Ова се случи благодарение на подготвеноста и чувството на одговорност на земјите и политичките лидери во регионот. Но, подготвени сме да работиме на долгорочните интереси на регионот, рече премиерот Заев.

Тој ги посочи договорите со Бугарија и со Грција како важни во оваа насока и во обраќањето упати благодарност до бугарскиот и до грчкиот премиер, Бојко Борисов и Алексис Ципрас, за придонесот во стабилизацијата на билатералните односи со Македонија, што придонесува и кон стабилизацијата во регионални рамки.

На Самитот, посебно е нагласена важноста на економското поврзување на државите како и придонесот на земјите во справувањето со мигрантската криза.

-Македонија е европска земја и во географска и во политичка смисла. Преку неодамнешната бегалска криза, покажавме дека сме сигурен партнер во справувањето со безбедносните предизвици на Европа. Она што е значајно, е тесна соработка и координација за заштита на границите. Во овој момент и почитувајќи го присуството на комесарот Хан, би сакал да потврдам дека Македонија останува близок партнер на земјите со коишто веќе успеавме да оствариме успешна билатерална соработка како и во стратешките чекори на овој план, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, во врска со економската соработка, рече дека таа е важен сегмент од евроатланска интеграција на Македонија и на регионот.

-Нашата економија е главно поврзана со економиите на ЕУ и економиите од Западен Балкан. Напредокот во интеграцијата во ЕУ и НАТО носи поволни економски резултати. Јас сум и повеќе уверен дека сме на вистинскиот пат и за вашата поддршка и разбирање за ова. Реформите што ги правиме на домашниот план се насочени кон воспоставување демократска клима што ќе ја олесни фер конкуренцијата. Исто така, ги вклучуваме и бизнис и научните заедници во дизајнирањето на нашата долгорочна стратегија за меѓусебна поврзаност. Во напорите да одговориме на идните предизвици, ние особено треба да се фокусираме на прашањата на науката и младите, затоа што континуирано ширење на знаењето е предуслов за напредокот. Затоа, ние целосно го поддржуваме акцентот на науката и шансите за младите, порача Заев.

Тој ја поздрави одлуката на Италија, да го преземе претседавањето со ЦЕИ во наредната година и изрази уверување дека земјата ќе продолжи да има улога на силен поддржувач на проширувањето и интеграцијата на ЕУ.

Заев ја поздрави и улогата на ЕБРД во напорите за клучни решенија за стратегиски прашања во транспортот и енергетска меѓусебна поврзаност.

Сите други говорници, како и еврокомесарот Хан, испратија пораки за важноста на стабилноста и на економската поврзаност, и посебно на регионалната соработка, како важни за просперитетот на државите, нивните интеграции во ЕУ и за самата Европа.