Македонија
22. April 2019 - 8:48

Заев: Концептот на Пендаровски е прогресивен и обединува, другиот е деструктивен и го дели народот

Стево Пендаровски освои 321.201 глас наспроти 316.872 на Гордана Сиљановска Давкова и 79.169 гласови на Блерим Рекаи, соопшти вечерва премиерот Зоран Заев напоменувајќи дека овие бројки се според нивниот штаб од проверени 98,27 отсто од вкупниот број на избирачи.

– Пендаровски води со преку 4.300 гласови предност. Дозволете ми да ви честитам за фер и демократските избори со кои потврдивме темелна европска вредност. Вакви чекори ни доликуваат и јас сум уверен дека во вториот изборен круг ќе заокружиме уште една европска вредност-европски претседател на нашата држава, рече Заев.

Според него, два, целосно различни концепта се спротвивставени во вториот изборен круг.

-Концептот на Стево Пендаровски е прогресивен и обединува. Другиот концепт на Гордана Силјановска е деструктивен и го дели народот, нагласи преседателот на СДСМ.

Тој рече дека знае дека во вториот круг граѓаните уште посилно ќе го поддржат напредокот и дека повеќе граѓани ќе се приклучат кон победата на Пендаровски.

-Очекувам и граѓаните кои денеска гласаа за господинот Блерим Река, на 5-ти мај да постапат одговорно и да придонесат кон патот кој води напред, затоа што и тие знаат дека назад носи штети, за сите, па и за нив, повика Заев и нагласи дека овие се важни избори бидејќи определуваат со колку брзо темпо ќе продолжиме да се движиме напред и колку брзо ќе почнеме да живееме европски.
 
Претседателот на Владата Заев ги повика сите кои, како што рече, се двоумеа дали да излезат денес. Сите, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, Египќани и сите други.

-Сечив глас е важен. Вие сте важни. Од вашиот глас зависи дали земјата ќе продолжи напред. Излезете и гласајте во вториот круг. И вие одлучувате. Изберете прогрес за нашата земја. Повикувам на големо обединување во вториот круг од претседателските избори за уште еден сигурен чекор Напред, на патот што го трасиравме, кон НАТО и ЕУ, кон економски напредок, истакна Заев.