Македонија
20. December 2021 - 13:52

Заев ќе ја предводи владината делегација на состанокот на иницијативата „Отворен Балкан“ во Тирана

Премиерот Зоран Заев ќе ја предводи владината делегација на редовниот состанок на иницијативата „Отворен Балкан“ кој ќе започне денеска со работна вечера на лидерите на трите земји и придружните делегации во Тирана.

Како што соопшти владината прес – служба, официјалната агенда почнува утре со лидерска средба на која ќе говорат премиерот на Албанија Еди Рама,  претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерот на Македонија Зоран Заев, комесарот за проширување и соседство Оливер Вархеји ќе се обрати онлајн, генералниот секретар на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу, директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА Емир Џикиќ, директорот на Транспортната заедница Матеј Закоњшек и претседателот на Трговско-индустриската комора на Србија Марко Чадеж.

Предвидено е потпишување на повеќе мултилатерални и билатерални договори и тоа: Договор за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан. Договор за меѓусебно поврзување на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан. Договор за соработка во ветерината, безбедноста на храната, храната за исхрана на животни и фитосанитарната област на Западен Балкан. Договор меѓу Владата на Република Србија и Советот на министри на Република Албанија за взаемно признавање на овластувањата за овластен економски оператор – безбедност и сигурност (AEOS). Договор помеѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Република Албанија за заемно признавање на овластувањата за овластен економски оператор – безбедност и сигурност (AEOS).

Во соопштението се наведува дека ќе биде одржан и Форум за агро-култура и финансии, по што ќе следи и заедничка прес-конференција на лидерите на земјите членки на „Отворен Балкан“.