Македонија
26. November 2016 - 13:29

Заев: Ќе ги укинеме радиодифузната такса и ќе партиципацијата за болничко лекување

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска одржа митинг во Кочани. Пред граѓаните рече дека предизборната програма на СДСМ предвидува мерки за подобар живот во сите сегменти, економијата, здравството, земјоделството,...

- Ќе ја вратиме дневната евтина тарифа на струјата и ќе има евтина струја цел викенд, ќе ја укинеме радиодифузната такса, ќе ја укинеме партиципацијата за болничко лекување и ќе има бесплатно болничко лекување за сите, субвенциите ќе ги качиме на 640 милиони евра за цел мандат и ќе бидат редовни, навремени, ќе воведеме субвенции за нафта и за механизација од 50 отсто, ќе го укинеме персонален данок за сите на кои земјоделството им е основна егзистенција, истакна Заев.

Според него, програмата предвидува и закон со кој на секој граѓанин ќе му се вратат по 15 проценти од платениот ДДВ во фискалните сметки, а ќе биде обезбедена и плата плус во секое македонско семејство.  

- Десет години економијата е катастрофа, животот ни е загрозен, егзистенцијата ни е загрозена, на работ на провалијата стоиме. Знам дека избирате живот. Подавам рака, еве ви ја мојата рака - носам живот за сите граѓани на Република Македонија, порача Заев на митингот во Кочани.