Македонија
23. јуни 2019 - 16:06

Заев ќе биде и премиер и министер за финансии - објавена владината „метла“

Долгонајавуваната реконструкција на Владата го доби својот епилог. Четири нови имиња седнуваат во министерска фотеља, еден го менува ресорот, а одговорност за државната каса како нов министер за финансии ќе презеде лично премиерот.

Со секторот земјоделие ќе раководи Трајан Димковски досегашен шеф на кабинетот на министерот. Првиот човек на ЛДП Горан Милевски го презема ресорот локална самоуправа, а испразнето место во културата го пополнува професорот по медицина од Универзитетот во Тетово и член на “Алтернатива” Хисни Исмаили.

За екологијата и животната средина отсега ќе се грижи Насер Нуредини - инвестициски банкар и финансиски советник за банкарство во Лондон и во Виена. Садула Дураки го презема новоформираното министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

Од Валандово претседателот на Владата ги обелодени имињата на новите министри и истовремено им се заблагодари на досагашните кадри за нивниот ангажман.

Од своите досегашни работени места разрешени се и вицепремиерот за спроведување на рамковниот договор Хазби Лика и министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима Зоран Шапуриќ.

Прашан зошто се одлучил да го преземе местото на Драган Тевдовски и да раководи со функцијата министер за финансии, Заев вели дека по решавањето на големите политички прашања сега на ред е економијата, најавувајќи зголемување на платите и на пензиите.

По реконструкција на Владата, премиерот најави дека ќе следуваат и промени во вториот и во третиот ешалон. Како што најави Заев, околу 20-ина нови имиња ќе ги заменат досегашните директори и членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија, а процесот треба да биде завршен до крајот на месецов.