Македонија
16. May 2018 - 9:17

Заев ја прифати фрлената ракавица за ТВ дуел со Мицкоски

Премиерот Зоран Заев ја прифаќа поканата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за дуел на телевизија, потврдија за МИА од Владата.

- Отвореноста е еден од основните принципи според кои работи претседателот на Владата на Република Македионија Зоран Заев. Постојано комуницираме со јавноста на отворен и двонасочен начин, преку одговори и прашања, но и дебати и дуели. Така што премиерот Зоран Заев е подготвен за ТВ дуел во секое време со Христијан Мицкоски, бидејќи основа на демократијата е отвореноста и подготвеноста да се соочиш со политичките опоненти, изјави за МИА портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Мицкоски синоќа по седницата на Централниот комитет на партијата го повика Заев да се соочат на телевизија и да дискутираат за преговорите за името.

- Да дискутираме за ова прашање, да може тој да ги информира граѓаните Република Македонија, за тоа како преговара, за што преговара. Но, и да дискутираме за сите оние фаули што ги прави на полето на економијата, на немањето реформи, во образованието, во здравството, да дискутираме за сите оние погрешни политики што се случуваат оваа измината една година, така што еве можност да можат граѓаните да видат за каква политичка гарнитура станува збор, а ние се разбира да можеме да слушнеме да видиме и да ја дознаеме конечно таа лекција која така одамна ја најавуваше само да можат граѓаните да ја слушнат, па можеби и ќе научиме нешто, рече Мицкоски.

Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ на 2 јуни во Скопје пред Владата на Република Македонија ќе организира народен протест.