Македонија
31. August 2020 - 21:32

Заев ја предводи втората Влада, најави фокус на внатрешен план

Прв работен ден на Владиниот тим – премиерот кај шефот на државата, министрите во своите кабинети. Заев вели дека фокус на владата ќе биде справување со економските и здравствените последици од ковид пандемијата.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем најави промена во деловникот за работа на Владата ама и решение за рамковно вработените.

Освен Груби, во новиот владин кабинет седнаа уште седуммина нови министри. Првиот човек на правда најави Ветинг во правосудството и европски мониторинг на судењата.

Новата министерка за Труд и социјала вели дека нејзин приоритет ќе биде вреднувањето на работничкиот труд и заштита на работничките права.

Благој Бочварски кој доаѓа како прв човек на министерството за транспорт најави инвестиции во инфраструктурата.

„Создаваме модерна инфраструктура, обезбедуваме подобри услови за граѓаните и ја развиваме економијата, ваквиот континуитет ќе го продолжам обврзувајќи се пред граѓаните дека транспарентно и отчетно ќе работиме за да обезбедиме просперитет за сите” потенцира Бочварски.

Бектеши кој доби втор мандат во Економија вели дека приоритет ќе му бидат секторите кои се погодени со пандемијата. Најави помош за угостителите, туристичките работници, занаетчиите.

Во финансии на местото на Ангеловска од денеска седи Фатмир Бесими. По предавањето на функцијата, како што информираше министерството, се разговарало за тековните активности но без информации за приоритетите на новиот министер.

Во образование замина Царовска а како што најави, ќе се фокусира на стартот на школската година во услови на пандемија.

Пораки дека ќе работата повеќе и подобро испратија и министрите кои ги задржаа своите функции како министри – Филипче во ресорот здравство, Шеќеринска во одбрана, Нуредини во животна средина.