Македонија
12. July 2019 - 15:32

Заев: Имаме добри шанси за одлука за полноправно членство во НАТО во декември

Имаме добри шанси на 3 или 4 декември годинава да добиеме одлука за полноправно членство во НАТО, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Тој изрази благодарност до Турција и Чешка, кои вчера ја завршија ратификацијата на Протоколот за членство, изразувајќи уверување дека до крајот на следната недела се очекува Велика Британија да информира оти ја завршила ратификацијата, како и дека Шпанија наскоро ќе формира Влада и парламентарно мнозинство, со што Парламентот ќе може да гласа за Протоколот.

– Веќе сме со ратификуван протокол од 21 земја. Тоа се за нас добри пораки заради тоа што во последните пет-шест месеци ратификацијата се движи со повеќе од посакуваното темпо. Остануваат уште осум земји, верувам дека оваа или до крајот на следната недела Британија ќе не информира дека е истечен рокот од 21 ден и таму ратификацијата е завршена, со што ќе бидат 22. Се надеваме дека Шпанија бргу ќе формира влада и парламентарно мнозинство за да може да гласа, а другите земји веќе не информираа за процедурите и протоколите, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на археолошкиот локалитет Стоби.

Веројатно, дополни Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров во скоро време ќе не информира за процедурите и постапките во останатите осум држави каде што очекуваме да се случи ратификацијата, така што и тоа како имаме добри шанси на 3 или 4 декември да добиеме одлука за полнопрвно членство за НАТО.