Македонија
10. September 2019 - 16:46

Заев и Мицкоски со различни барања се подготвуваат за лидерска средба

Со доза на оптимизам но и комплетно спротивставени ставови лидерите на власта и опозицијата по речси 6 месеци вечерва седнуваат на заедничка маса во обид да најдат решение за блокираните измени во законот за јавното обвинителство.
Пред стартот на средбата, премиерот порача дека верува во можноста да се најде компромис. Рече дека е подготвен да разговара и за предвремени избори но тие да се случат на месец дена пред редовните.

Заев вели дека најголем проблем во преговорите со опозицијата е дали бомбите ќе се користат како доказ или не и порача дека нема да дозволи да пропаднат веќе почнатите предмети на СЈО.
Опозицијата на лидерската оди со различна агенда. За неа, најважно е да се договори датум за избори, иако велат дека се подготвени да се договорат и за новото законско решение за обвинителството.

На преговарачката маса, ВМРО-ДПМНЕ очекува да се стави и одлуката на Јавното обвинителство за преземање на сите предмети на СЈО, меѓу кои и оние кои Катица Јанева ги има отворено по истекот на законскиот рок во кој што СЈО може да поднесува обвиненија, меѓу кои има и истраги чии имиња за провлекуваат во случајот Рекет.

Опозицијата не се согласува со предлогот на власта за префрлање на обвинителите на СЈО во новото обвинителство за организиран криминал, а нема договор ниту за начинот на избор на новиот главен обвинител.
Лидерската средба е закажана за  вечерва во 20 часот во Собранието. За донесување на законот за јавното обвинителство потребна е поддршка од 80 пратеници. Во случај на компромис вечерва, Џафери порача дека е подготвен уште утре да закаже седница на која прво Јанева ќе биде разрешена а потоа и донесен новиот закон за јавно обвинтиелство.