Македонија
12. December 2017 - 16:24

Заев и коалиционите партнери вечерва ќе бараат решенија за испразнетите министерски места во Владата

На заедничка средба вечерва, коалиционите партнери во Владата ќе бараат решение за испразнетите ресори во Владата на Заев. Премиерот не го крие својот оптимизам.

Скоро месец и половина две министерски фотелји ги чекаат своите нови сопственици откако старите, заминаа во локалната власт. Таравари стана градоначалник на гостивар а Мерко на Струга. Празно е и едно заменичко место откако Ганиу победи на изборите во Чаир. 

45те дена без министерски решенија несомнено зборуваат дека во односите меѓу коалиционите партнери не цветаат рози. Дека е така потврди и премиерот Заев кој уште на почетокот на ноември побара лидерите во коалицијата да си ги оладат главите. Но и по месец дена ладење, нови министри нема.

Се уште не се знае дали ќе се оди само на дополнување на испразнетите ресори или пак на поширока реконструкција. Алијансата на Села веќе го предложи Вулнет Ферати за нов министер за здравство но конечен договор се уште нема.

Во меѓувреме, дел од медиумите блиски до власта објавија дека постои можност партијата НДП на Весел Мемеди да ја напушти владината коалиција поради вмешаност во настаните на 27 април. За оваа информација се уште нема официјална потврда.