Македонија
19. December 2017 - 18:43

Заев и Димитров на средба со експерти од групата БИЕПАГ

Премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска присуствуваа на работен ручек во однос на евроатланските процеси на Македонија и Балканот со странски експерти кои се дел од Balkans in Europe policy advisory group (BIEPAG), Хедвиг Морвај, директор на Европскиот фонд за Балканот и Флоријан Бибер директор на Центарот за југоисточни европски студии на Универзитетот во Грац.

На средбата, како што се наведува во соопштението од Владата, присуствуваа и домашни експерти, поранешните амбасадори и универзитетски професори Блерим Река и Ѓорѓи Спасов.

- Заеднички беше оценето дека Република Македонија има направено значаен исчекор во спроведување на демократските реформи и во забрзувањето на евро-атланските интеграции и беше заклучено дека од исклучителна важност е да продолжат реформите и Македонија да има јасни перспективи и напредок во однос на членството на земјата во ЕУ и НАТО во 2018 година, стои во соопштението. 

Експертите потенцирале дека тоа е исклучително важно за зајакнување на стабилноста, напредокот и интеграцијата на целиот Западен Балкан во Европската Унија и НАТО.