Македонија
16. May 2018 - 11:26

Заев и Ципрас утре на втора тет-а-тет средба во Софија

Македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас, утре, во 10,30 часот по бугарско време, во Софија ќе ја имаат својата втора тет-а-тет средба.

Владини извори за МИА потврдија дека новата средба меѓу двајцата премиери ќе се одджри на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија, на кој ќе се расправа за европерспективите на земјите од регионот.

Средбата меѓу премиерите Заев и Ципрас изминатите денови се најавуваше како клучна во процесот на решавање на спорот за името.  Последните изјави, и од македонската, и од грчката страна, сепак, се проткаени со воздржаност дека токму оваа средба ќе вроди со конечен договор за името.

 - Сакам договор за мојата земја, оптимист сум и еден од првите луѓе кој го сака тоа, но неможам да кажам дека имаме договор за прашањето за името, изјави вчера Заев и изрази надеж дека двете страни ќе постигнат договор.

Макеоднскиот премиер изрази надеж дека договор ќе има.

-Успехот што досега го постигнаа министрите за надворешни работи е за почит. Се надевам дека токму на Самитот на ЕУ и Западен Балкан и на средбата со грчкиот премиер,  ќе можеме да ги потврдиме досегашните успеси и, ако не друго, да проговориме за начините за изнаоѓање на решение, рече Заев.

Од Брисел, пак, пристигнува оптимизам дека Грција и Македонија ќе постигнат договор во јуни.

- Сѐ уште нема среќен крај и нема да има оваа недела, но има добар напредок. Она што е важно е да има решение за грчко-македонскиот спор на почетокот на јуни, тоа би можело да е клучно за позитивна одлука на Европскиот Совет во јуни, изјави вчера висок дипломат во Брисел.