Македонија
1. November 2017 - 15:00

Заев и Анѓушев: Владата ќе ги заштити интересите на Фени

Владата е тука  да ги заштити најдобрите интереси на Фени, како држава немаме удели и нашиот интерес се граѓаните, производството и работните места, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања во однос на шансите за работа на комбинатот Фени по постапката за отворање стечај во металуршкиот комбинат. 

Според Заев, Фени има перспективи со оглед дека цената на никелот расте што треба да биде најсилна гаранција за работниците  и за добавувачите дека има иднина.

- Сакаме ова да се заврши во законска процедура, рече Заев.

Како што посочи, претходниот сопственик на Фени договорил купопродажба со бугарската фирма „Енекод“, но, потенцираше, тоа веројанто не е доволно затоа што тие мора и да ги сервисираат и доспеаните долгови.

- Имаат 22 милиони евра долгови надвор од банкарскиот сектор кој пак има доспеано минимум  6,7,8,9 милиони што треба да се платат од вкупно доспеаните 40 милиони евра обврска. Тоа е нормална постапка и процедура. Оставаме на комитентите едни со други да се договорат. Ние сме овде да асистираме апсолутно штитејќи го Фени, изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања по учеството на Самитот на организацијата Македонија 2025.

Како што додаде до 13 ноември Енекод треба да ги уплати парите врз основа на нивниот договор со банките и со другите добавувачи.

- Драго ни е што банките се снајдоа да изменаџираат исплата на септемвриска плата, но сега сме ноември и нека се подготвуваат бидејќи работниците мора да бидат заштитени и октомвриската плата мора да се исплати. Апелирам побргу да ги направат своите договори, да ги испорачаат парите како инвеститори за да може да имаат иднина и да прават профит, а нашите граѓани да бидат заштитени и да имаат квалитетни работни места,  рече Заев.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев вели дека е оптимист, Фени ќе се рестартира и воопшто нема да дојде до затворање или ликвидација.

Фени, посочи, е многу важен капацитет за Македонија од многу аспекти, а особено поради бројката на повеќе од 800 вработени, како и дополнителни индиректни вработувања, што  значително влијае на БДП. Како Влада, потенцираше, ќе бидеме посветени во изнаоѓање решение за Фени. Таму состојбата, како што рече, е во рацете на судската власт.

- Доверителите покренаа постапка за стечај, но тоа не значи запирање на работата на Фени и негово затворање, туку напротив од она што го имаме како сознание Фени ќе има брзо решение. Добрата информација е што цената на фероникелот во моментов е поволна  и што постојат три заинтересирани групации кои сакаат да ја преземат компанијата, притоа да ги задржат вработените. Сите  обврски од околу 60 милиони евра на Фени од кои 40 милиони кон банките и 20 милиони кон добавувачите, ќе бидат обештени, а компанијата ќе продолжи да работи во својот полн капацитет, рече Анѓушев посочувајќи дека се надева оти ова ќе биде направено во рок од месец и половина до два месеца.

Тој смета дека кредиторите имаат  согласност меѓу себе да бидат покриени сите трошоци за работењето на Фени во оваа чувствителна фаза, вклучително снабдувањето со струја, платите на вработените и одржувањето на печките во топла состојба.

- Се уште траат истрагите што во Фени ги спроведуваат финансиската полиција и УЈП, и тие наскоро ќе излезат со информација. Како држава и како Влада ќе се бориме секој што предизвикал каква била незаконска активност да биде повикан на одговорност, истакна Анѓушев.

Банките, информира Анѓушев, сега преговараат со сите.

- Бидејќи се даде предлог за отворање стечајна постапка банките како главни доверители преку стечајниот управител и преку одборот на доверители што ќе биде формиран во иднина ќе го водат процесот. Тие веројатно ќе побараат најдобра понуда од која било од трите групации. Сметам дека ќе биде одбрана групацијата што ќе даде најдобра понуда, што значи работниците да бидат задржани на работа, а доверителите да бидат обештетни, како и да имаат капацитет да обезбедат сигурно и безбедно работење на металуршкиот комбинат во иднина, рече Анѓушев, потенцирајќи дека Владата нема фаворит во оваа постапка, туку сака да види санирана состојба и иднина на компанијата.