Македонија
20. October 2021 - 19:53

Заев: Граѓаните ни дадоа жолт картон, ќе се поправиме

Добивме жолт картон од граѓаните, а дали ќе стане црвен зависи од тоа колку ќе го послушаме нивниот глас.

Вака претседателот на СДСМ го оцени изборниот резултат од првиот круг. Смета дека граѓаните упатиле јасна критика, опомена и казна, а тие  тој глас  го слушаат и веднаш ќе почнат да работат.

Според Заев, државата е на крстопат, дали  ќе оди напред или ќе се враќа назад.

Заев  ги повика  граѓаните  на 31 октомври да гласаат за власт која го слуша народот,  во спторивно ни се заканува режим. Сепак, првиот човек на владејачката партија вели дека националните прашања имале удел во изборните резултати на локалните избори.

Лидерот на опозицијата експресно излезе со реакција. Тврди дека Заев не кажал ништо ново, туку само ја повторил истата прес-конференција од лани, оти пораката од народот е разбрана. Според Мицкоски Заев не променил ништо и повторно разочарал.

-Вистината е дека Заев не кажа ништо ново освен тоа што повторно зборуваше за минатото, за некаков режим, за истите флоскули во кои никој не му верува. Сака да заборавите дека 5 години е на власт и пробува повторно да го потцени народот. Кога зборува Заев за режим нека си погледне во сопствениот дом, во Куманово, притисоците за гласање во Прилеп, Велес, Сарај, Битола, за односот кон луѓето и нивните гласови како да се негова сопственост, напиша Мицкоски на социјалните мрежи.

Инаку во пресрет на вториот круг лидерите на двете партии активно работата да ја придобијат поддршката од помалите партии.