Македонија
15. јуни 2021 - 19:56

Заев го загуби оптизмот за договор со Бугарија, средбата во Софија последна можност

Има придвижување кон решение за спорот, но бугарското вето најверојатно ќе опстои на 22-ри јуни. Ден по средбата со бугарскиот претседател Радев на Самитот на НАТО, премиерот Заев реши да ја сподели реалноста и неговите очекувања за брз договор со официјална Софија.

“Имам чувство дека во 22 јуни нема да се реши проблемот, затоа што БГ има техничка влада и нема парламент. Но не е невозможно. Зошто го кажувам ова? Затоа што не сакам да ги кренам очекувањата кај нашите граѓани. Бугарија има во јули избори. Но наша должност е да направиме се. Нема зијан доколку разговараме. Значајно е дека и ние и Бугарија немаме дилеми за автентичноста на македонскиот јазик и идентитет и тоа и тоа прашање не е предмет на преговори”, вели Заев

Вчерашната средба со шефот на бугарската држава, премиерот ја оцени како многу важна. Како што рече, било разговарано во детали за португалскиот предлог. Утре во Софија, во втора средба за три дена, Заев и Радев ќе направат последен обид за решение пред ЕУ Самитот наредната недела. 

“Она што е важно е преку разговор точно да ги утврдиме важните работи за МКД и БГ преку предлогот од Португалија. Заклучокот за патоказот, односно секторската соработка од делот на железницата, патиштата, економија, туризам, млади спорт, образование и сл. И секако интензитетот на свикувањето на историската комисија”, рече Заев

По разговорите со Бајден, Макрон, Меркел, како и со голем број лидери на вчерашниот Самит на НАТО, Заев е уверен дека се создава амбиент за решавање на спорот. На 10-минутната средба со американскиот претседател, станало збор и за стратешкото партнерство, енергетските проекти, но и можноста за посета на Бајден на Македонија.

ЕУ интеграцијата на Западен Балкан беше тема и на денешниот ЕУ Самит на кој учествува и Бајден.