Македонија
3. February 2020 - 17:01

Заев: Гласање за Законот за обвинителство па распуштање на Парламентот, Мицкоски бара експертите да изготват нов закон

Парламентот нема да се распушти на 12 февруари без да се гласа за законот за обвинителство, независно каков ќе биде исходот од гласањето, вели лидерот на СДСМ Зоран Заев. Тој тврди дека законот, заедно со ратификацијата на протоколот за НАТО и  законот за одбрана, бил дел од договорот за предвремни парламентарни избори на 12 април.  

- Ако се обидува опозицијата да го минира, да го блокира или на било кој начин неговото донесување, односно гласање, тогаш нормално дека Парламентот нема да се распушти се додека не заврши процесот на изјаснување на Законот за ЈО, како и протоколот за НАТО или Законот за одбраната или сличните закони. Затоа што дел од агендата за која што се договоривме сите е дека овие законски решенија до распишувањето на изборите и распуштањето на Парламентот ќе се изгласаат. Ако некој го прекрши тоа тогаш нормално дека распишувањето на изборите и распуштањето на парламентот тоа нема да се случи. На 12 април се изборите убаво е на 12 февруари како што објави Претседателот Џафери тоа да се случи. Изборите се распишуваат и Парламентот се распушта од 45 до 60 дена. Значи имаме еден бафер од 15 дена за распуштање на парламентот и распишување на изборите како што тоа законот го дава. Но јас верувам дека се ќе биде завршено на 12 февруари, да се распишат изборите и да се распушти парламентот.

Собранискиот спикер Талат Џафери пак, вели дека може да направи отспака за распуштање на паралементот на 12 февруари од само неколку дена. Во спротивно, подготовен е тој да го даде предлогот за самораспуштање на Собранието.

- „Како претседател на Собранието, треба да потпишам индивидуален правен акт за распишување на изборите, по што почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија. Невозможно е тие активности да се спроведат во период пократок од 51 ден. Затоа, во случај да има договор меѓу партиите за периодот во кој би биле донесени клучните закони, би можело да се направи отстапка од неколку дена во однос на датумот за распуштање на парламентот. Но, ако во наредните денови немам известување дека е постигнат таков договор, подготвен сум лично јас, како пратеник, да го поднесам предлогот за распуштање на парламентот на 12 февруари“, вели Џафери.

Тој во четвртокот најави и дека  дека законското решение нема да го стави на изјаснување додека партиите не му дадат сигнал дека е постигнат договор и двотретинско мнозинство.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски пак, вели дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да гласа за квалитетно законско решение кое ќе се заснова на мислењата на експертите од јавната расправа.

-Потребно е квалитетно законско решение, а не онакво какво што власта турка на мала врата на само недела ипол пред распуштање на Парламентот. Затоа за ВМРО-ДПМНЕ, со цел да не се робува на суетата на одредени министри и стравот на Заев од одговорност, е прифатливо законско решение кое ќе го изработат и ќе произлезе од самата експертска јавност која беше вклучена во јавната дебата за законот за јавното обвинителство. Да дадеме шанса на професионализмот , знаењето и искуството на експертите и професорите, што ќе биде база за понатамошно усогласување. Да не креираме законско решение за заштита на партиските интереси на поединци, туку решение предложено од експерти кое ќе биде прифатливо за Собранието, напиша Мицкоски на Фејсбук

Во меѓувреме заглавија преговорите меѓу власта и опозицијата по дводневната јавна расправа за законот. Иако беше најавувана средба на работните групи во поширок формат засега таа се одложува.

Од СДСМ велат дека тоа се прави бидејќи претставниците на ВМРО-ДПМНЕ не поднеле конкретни амандмани на последната верзија на законот. Од преговарачкиот тим на опозцијата пак, велат дека никој не ги контрактирал за средба.

Министерката Дескоска пак,  почна поединчени преговори со помалите пратенички групи.

- Целта е обезбедување на консензус и двотретинско мнозинство за Законот за Јавното обвинителство. Доколку се обезбеди, законот ќе биде испратен во процедура на утрешната седница на Владата, велат од министерството за правда.