Македонија
27. October 2017 - 22:21

Заев: Гласајте за Георгиевски и за современа Гази Баба

Вечерва сме заедно тука здружени Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи, за сите заедно да донесеме живот во Гази Баба, еднаков за сите, само заедно сите здружени можеме да испорачаме живот што ќе го почувствуваат сите граѓани, порача лидерот на СДСМ Зоран Заев вечерва во Јурумлери, општина Гази Баба, на завршниот митинг на СДСМ и коалицијата.

Тој посочи оти вечерва во Јурумлери дошла целата коалиција, сите градоначалници од сите општини, за да дадат потврда оти само заедно може да се испорачаат резултати во општините и во Град Скопје.

- Борче Георгиевски ја знае општината, едноставен човек е, ги знае луѓето, им помага, бевме заедно со него и со вас во сите битки, да бидеме сите заедно и на 29-ти, и по 29 октомври, за среќа за сите, повика претседателот Заев и додаде оти се надева дека во вториот круг победата ќе биде со од три до пет илјади гласови разлика.

Претседателот на СДСМ посочи дека за 15-годишно владеење на ВМРО-ДПМНЕ во општината потрошени се повеќе од 300 милиони евра буџетски пари на граѓаните, а ништо не е направено, луѓето, рече, шлапаат во кал, децата се разболуваат, нема водовод и канализација, што однесе и човечки жртви.

- Само развој на општините може да донесе подобар живот за граѓаните, рече претседателот на СДСМ.

Испрати порака до новите градоначалници и советници да работат чесно и да им служат на граѓаните.

- Убаво време доаѓа и за Гази Баба, и за Град Скопје, и за цела Македонија, оцени Заев и додаде оти граѓаните можат да сметаат на поддршката на власта за сите капитални проекти, за модернизација на уличната мрежа, но и за развојот на спортот, културата, социјалната заштита, образованието.

Лидерот на СДСМ посочи оти првиот круг имало кристално чисти избори и оти најголемата победа е на граѓаните, и побара да се сочува победата на фер избори и во вториот круг од којшто победник ќе излезе и Македонија.

- Ајде да ја направиме среќна цела Македонија. Во недела да гласаме за бројот 19, за Борче Георгиевски, за живот во Јурумлери, во Гази Баба, како и во цела Македонија, повика претседателот Заев на завршниот митинг за вториот круг локални избори.

Заев Јурумлери2

Кандидатот за градоначалник на Гази Баба Борис Георгиевски оцени дека историската победа на СДСМ и коалицијата во првиот круг во оваа општина е поради заедништвото на граѓаните кои го препознале концептот што носи живот.

- Се потврди дека граѓаните бараат отворена и услужна општина. Со вашата поддршка ме обврзавте општина Гази Баба, повторно сите заедно, да ја направиме модерна и современа општина за сите граѓани, рече Георгиевски, кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата на завршниот митинг во Јурумлери.