Бизнис
4. April 2018 - 16:20

Заев ги повика словенечките компании да инвестираат во Македонија

Словенечките компании да ги искористат традиционалните врски на соработка со Македонија и да учествуваат на  тендерите во иднина, повика премиерот Заев. Посочи дека Словенија како петти најголем инвеститор во Македонија е многу важна за економијата.  Апелираше домашните и словенечките бизнисмени да го препознаат моментот и да инвестираат во капиталните и инфраструктурните проекти. Верува дека со приближувањето на Македонија кон ЕУ и Нато  ќе се отворат безброј перспективи и со новите инвестиции до 2020 двете земји ќе ја зголемат размената на половина милијарда долари..

– Како Влада не нѐ интересира вашиот профит, туку наш интерес е придонесот во создавањето на бруто домашниот производ, зголемувањето на извозот, вработеноста, воведувањето нови технологии конкурентноста. Максимално сме посветени да ја поддржиме економијата и ако вие, бизнисмените сте добро мотивирани можеме да очекуваме раст на економијата од планираните 3,2 отсто, па дури и четири отсто што ќе влијае и на целокупните состојби, изјави, меѓу другото, премиерот Зоран Заев на денешниот Македонско-словенечки бизнис форум во Стопанската комора.

Словенечкиот премиер порача дека Словенија силно ќе ја поддржи Македонија на патот кон ЕУ и Нато. Голем потенцијал за проширување на економската соработка има во прехранбената индустрија, металопреработувачката како и туризмот енергетиката и екологијата.

Претседателот на СКМ посочи колку е важно за македонскиот бизнис земјава побрзо да се интегрира во ЕУ и Нато и побара поддршка од Церар.

Трговската размена со Словенија секоја година оди во нагорна линија . Лани изнесувала близу 300 милиони долари.

Новинар: Александра Деспотовска