Македонија
7. February 2019 - 12:43

Заев-Галовеј: Членството во НАТО голема победа што отвора и економски придобивки

Интеграцијата на Република Македонија во НАТО е голема победа за државата бидејќи отвора перспективи за видливи економски придобивки. Обединетото Кралство  планира во скоро време да ги почне процедурите за ратификација на Протоколот за членство на Република Македонија во НАТО.

Ова го истакнала Рејчел Галовеј, амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, на денешната средба со премиерот Зоран Заев на која му го честиташе потпишувањето на Протоколот за пристапување на Република Македонија во НАТО.

Како што соопшти владината прес-служба, таа исто така, ја охрабрила земјата  да продолжи со фокусот на реформскиот процес, што носи резултати за квалитетот на живот на граѓаните.

Премиерот Заев истакнал дека е во тек заокружувањето на безбедносните реформи, дека до крајот на февруари се очекува во Парламентот да бидат изгласани со консензус измените на законите што се однесуваат на реформите во правосудниот систем, дека се во тек реформите за професионализација на јавната администрација, како и за избор на нови, политички независни членови на Антикорупциската комисија.

-Членството на НАТО за нашата држава значи траен внатрешен мир и придонес кон мир на Балканот, како и шанса за економски развој, тоа што граѓаните со години го очекуваат. Изразен е интерес од повеќе странски инвеститори за влез во државава, по отворените атлантски перспективи. Охрабрени сме од високите претставници од ЕУ дека ако покажеме имплементација на суштинските реформи, реални се очекувањата нашата земја да добие во јуни и датум за почеток на преговорите со ЕУ. Тоа е мотивација и за институциите, да покажат резултати. И мојата определба е, како Влада, да останеме фокусирани кон овие цели. Очекувам скорешни, поголеми резултати на економски план за граѓаните, рекол премиерот Заев.

На состанокот станало збор дека Балканот останува во фокусот на Обединетото Кралство и дека дипломатскиот успех на Република Македонија е пример за придонес во стабилноста и безбедноста, во регионот и во пошироки рамки. При тоа, изразена била заедничка согласност дека постојат големи отворени можности за продлабочување на соработката со Обединетото Кралство и во делот на трговијата и економијата, стои во соопштението.