Македонија
30. August 2021 - 16:43

Заев: ЕУ нема алтернатива

Разочарани сме од бугарската блокада, но немаме друга алтернатива освен ЕУ. Пораката од австриски Алпбах ја испрати премиерот Заев, каде што учествуваше на европскиот форум и се обрати на панелот „Перспективите на Северна Македонија“.

Како еден од трите говорници, покрај специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина Мирослав Лајчак и косовскиот премиер Албин Курти, Заев преку видеоконференциска врска истакнал дека Македонија е целосно посветена на процесот на пристапување кон ЕУ, бидејќи натаму не водат европските вредности.

Земјава е на вистинскиот пат, додава Заев, а доказ за тоа е исполнувањето на сите критериуми кои Унијата ги побара од нас. Тоа е потврдено и со одлуката и препораката на Европската Комисија до Европскиот Совет во март 2020 година, за одржување на првата меѓувладина конференција, подоцна блокирана од Бугарија.

“ЕУ има морална обврска кон Северна Македонија. Сите реформи во земјата се спроведени или се во тек, со соседите решивме прашања коишто беа отворени по неколку децении, како што беше Договорот од Преспа со Грција, или Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Северна Македонија е успешен модел на функционална мултиетничка заедница и лидер на регионалната соработка, а со членството во НАТО станавме фактор на стабилност на Западен Балкан”, потенцираше Заев на Европскиот форум Алпбах.

Премиерот од Алпбах подвлекува - сите земји членки се едногласни дека Македонија испорача, а ЕУ остана должна со исполнување на својата одлука за почеток на преговорите.

Она што се чека, вели Заев, е формирање на политичка влада во Бугарија, со која ќе имаме напредок во преговорите и конкретен резултат на Самитот за Западен Балкан во Љубљана на 6 октомври, кога се очекува сериозно придвижување на македонскиот евроинтегративен пат.