Македонија
31. December 2020 - 10:47

Заев: Договорот со Бугарија не е грешка, туку основа за решение што ќе го гарантира нашиот европски пат

Потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија не е грешка, туку историски чин и придобивка, и врз основа на него со идните политики ќе биде донесено решение во интерес на двата народи и двете земји и тој ќе го гарантира европскиот пат на Македонија, а негово поништување само би не „вкотвило“ во балканското сивило.

Ваквиот став го изнесе премиерот Зоран Заев за време на вчерашната собраниска седница посветена на пратенички пришања, додавајќи оти мисли дека е исклучително исправно државата да склучува договори со што ќе се гарантира нејзиниот европски пат, како стратешка определба и интерес на народот кој сака да гради пријателства и да избегнува секаков вид кавги.

– Нашиот македонски идентитет и македонски јазик никогаш не биле на маса на преговоори и разговори и никогаш нема да бидат. Никогаш. Затоа што тоа е наше право, самоопределување, наша европска вредност и право зад кое што стоиме и очекувам од бугарската страна да направи чисто признавање на македонскиот народ и на македонскиот јазик без какви било задршки, уцени и резерви затоа што пријателите токму тоа го прават, рече Заев.

Според него, формулацијата „заедничка историја“ помеѓу двата народи и двете држава е сериозна формулација на градење пријателство и европска иднина. – Ако гледаме низ призмата на пријателството, со меѓусебно разбирање, дефинитивно ќе одиме напред, ако не ќе останеме изолирани како што бевме 12 години, додаде Заев.

Тој нагласи дека ретроградни процеси за поништување на договори и на нивни членови, апсолутно можат само да ја „вкотват“ целата македонска јавност и сите граѓани во балканското сивило без каква било мотивација, безнадежност и перспективност.

– Патриоти се тие кои го осигуруваат, обезбедуваат и заштитуваат македонскиот идентитет и јазик, а воедно ја осигуруваат, обезбедуваат и заштитуваат иднината на истиот тој народ кој зборува македонски јазик, како и на сите други народи кои живеат во нашата земја. Ако зборуваме со зборови на внимателност и пријателство можеме да им обезбедиме иднина на граѓаните. Денеска сме членка на НАТО како Македонци што зборуваат македонски јазик. Ќе бидеме и членка на ЕУ како Македонци што зборуваат македонски јазик, порача премиерот Заев.

Тој нагласи дека со Бугарија „бие европската битка заради европска иднина на нашиот народ, почитувајќи ги и партизаните и комитите, затоа што тие се дел од нашата историја“.

– Нема да се криеме, туку ќе се бориме затоа што нашите деца очекуваат да победиме во битките на 21 век, да бидат во ЕУ и да бидат сигурни и стабилни како што се сега во НАТО, а не во некои кулоари и крчми повторно да ни ја крчмат Македонија. Не, денеска таа е заштитена од НАТО и конечно оваа држава има имотен лист. Таа битка ја водам и ќе продолжам да ја водам европската битка, рече Заев во одговор на пратеничко прашање на денешната седница на Собранието.

Тој потенцира дека 30 години во непријателство со соседите, не донесоа до тоа да ни се испразни државата и да ги изгубиме младите.

– Оваа наша држава била окупирана и освојувана и поминувале секакви војски и сепак народот опстоил и бил тука, но се празнел само кога доаѓале квази патриот и парољубци. Можеме и да кажеме дека не сме за Европа и дека можеме сами, но ќе се однесуваме одговорно и ќе градиме пријателство при тоа со целосна заштита на тоа што е наша светост – национална посебност, македонски  јазик, македонски народ, македонски идентитет, како и идентитетите на сите помалку бројни заедници во нашата заедничка татковина, потенцира премиерот Заев.

Оптимизмот на властите за европскиот пат на земјава, според истражувањето ЕВРОМЕТАР спроведено од Евротинк – Центарот за европски стратегии во периодот од 10 до 21 декември годинава, го споделуваат и македонските граѓани.

Според истражувањето, 67,3 отсто од граѓаните сметаат дека членството во ЕУ е „добра работа“, 70 проценти дека е „корисна работа“, а дури 65,9 отсто од нив би гласале позитивно на евентуален референдум за влез на земјава во Унијата.

На прашањето за тоа кои се главните причини за поддршката на членството на земјата во ЕУ, анкетираните граѓаните ги истакнале подобриот животен стандард, намалувањето на невработеноста, поголемата демократија, полесниот пристап до работа во странство и поголемата сигурност за државата.

Сепак, 59,2 отсто од анкетираните сметаат дека односот на ЕУ кон земјава е нефер, надмен и уценувачки, што е речиси двојно поголем процент во однос на ланското истражување ЕВРОМЕТАР, кога ваков став имаа 30,3 отсто од испатаниците. Двојно се намалил и процентот на граѓани кои мислат дека односот на ЕУ кон Македонија е фер, пријателски и коректен, односно 21,2 отсто годинава, наспроти 42,9 проценти во 2019 година.

Вкупно 37 проценти од граѓаните изјавиле дека очекуваат во наредните пет години нашата земја да влезе во ЕУ, за 26 проценти тоа би се случило во наредните 10 до 15 години, а само 16 проценти сметаат дека тоа никогаш нема да се случи.