Македонија
12. јуни 2020 - 13:08

Заев: До сабота има можност за консензус со опозицијата за изборите

До сабота, кога завршува вонредната состојба, постои можност за договор за датум за избори меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, изјави лидерот на владејачката партија Зоран Заев, кој на прес-конференција истакна дека двете партии пред прекинувањето на комуникацијата разговарале парламентарните избори да се одржат во среда на 8 јули, а во понеделникот и вторникот претходно да гласаат болните кои ќе се пријават за гласање.

Заев рече дека јавно ќе побара продолжување за три дена на вонредната состојба од претседателот на државата доколку ВМРО-ДПМНЕ се согласи изборите да се одржат на 8 јули.

– Евентуална промена за вонредната состојба би можело да има заради изборите, ако се постигне консензус, рече Заев на прес-конференцијата.

Ако има консензус тогаш Владата ќе може да направи измени на Изборниот законик за да може да се спроведе гласање согласно мерките и договореното.

Засега, според лидерот на владејачката партија, нема можност за одржување лидерска средба.

Доколку нема договор за избори на 8 јули или воопшто договор за избори, според Заев, по Устав и по закон е изборите да се одржат на 5 јули.

Лидерот на владејачката партија Заев вели дека бројот на новозаразени со Ковид-19 во земјата, на сите граѓани тешко им паѓа, предупредувајќи дека се додека нема лек или вакцина реално не можеме да очекуваме бојките да паднат. Тој уште еднаш укажа дека на земјата и е потребен Парламент, во околности, во кои, како што реле, не знаеме кога бројките ќе бидат помали.

– Од тој аспект тврдиме дека е одговорно и чесно кон граѓаните и државата час поскоро да се оди на избори, рече Заев, кој смета дека на избори не треба да се оди, како што вели, длабоко во летото кога температурите се многу високи.

Некој вели ама што е важно 5 јули, што е 15 јули. Важно е, и 6 и 7 е важно. Навлегуваме во средината на летото. Легитимноста на изборите и така ќе биде намалена заради понискиот процент на излезеност заради короната. Тоа сите го знаеме. Тука буквално лежат аргумнти на кои и се разговавра. Одговорно е да се учествува на изборите, изјави Заев.

Тој тврди дека неговиот предлог бил 5 јули, а на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски 15 јули. Тогаш Заев предложил 8 јули и, како што тврди тој, речиси и биле договорени кога Мицкоски рекол дека тоа не важи.

– Уште денеска и утре се деновите за разговори. Јас сум човек кој е познат по постигнување на договори. Правам се за постигнување на договори, но сето тоа не смее да биде на штета на граѓаните и на државата, рече лидерот на владејачката партија Заев.