Македонија
2. January 2018 - 13:05

Заев до папата Франциск : Хуманитарната криза да се решава врз основа на Декларацијата за бегалци

Премиерот Зоран Заев прими писмо со пораката на папата Франциск по повод 1 јануари, Светскиот ден на мирот, празник востановен од страна на Католичката црква во 1967 година, што годинава е посветен на мигрантската криза во светот, на сите мигранти и бегалци, мажи и жени во потрага по мир.

Во одговорот до Неговата Светост, папата Франциск, премиерот Заев истакнува дека Македонија ја прифаќа неговата загриженост, и се придружува кон заложбите дека оваа глобална хуманитарна криза во 2018 година ќе се решава врз основа на Декларацијата за бегалци и мигранти на Обединетите Нации, и оти лидерите на светската организација ќе ја завршат подготовката, и ќе ги одобрат двете глобални спогодби.

- Едната за безбедна, уредна и редовна миграција, а другата за бегалци. Ја делиме и вашата надеж, изразена во пораката дека со овие спогодби ќе се обезбеди рамка за предлози за политики и практични мерки, како инспирација за унапредување на процесот на градење на мирот, и дека меѓународната заедница ќе најде начин да побара од земјите членки да ги гарантираат правата на бегалците и мигрантите,  се вели во одговорот на писмото со порака по повод 1 јануари, Светскиот ден на мирот, на Папата Франциск.