Македонија
18. September 2017 - 8:27

Заев, Димитров и Адеми на 72. Генерално собрание во Њујорк

Премиерот Зоран Заев до 23 септември ќе присуствува на Генералната дебата на Генералното собрание на Обединетите нации, кое оваа година се одржува по 72. пат, во седиштето на Светската организација во Њујорк.

Заев за време на работната посета на ОН и на САД, е придружуван од шефот на дипломатијата Никола Димитров и министерот без ресор, задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми.

Премиерот Заев ќе присуствува на свеченото отворање на Генералното собрание на 19 септември и ќе има обраќање на пленумот на Генералната дебата на 22 септември.

Предвидено е Заев да има обраќање на тематската конференција „Отворено владино партнерство“, и да учествува во работата и на други тематски панели за време на овој светски собир на претседатели на држави и шефови на влади, со кои ќе претседаваат претседателот на Франција Емануел Макрон, потпретседателот на САД Мајк Пенс, министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство, Борис Џонсон и министерот за надворешни работи на Холандија, Берт Коендерс.

За време на Генералното собрание на ОН, претседателот на Владата ќе има работна средба со генералниот секретар на Светската организација, Антонио Гутереш, како и повеќе други билатерални средби, меѓу кои и со премиерката на Норвешка и премиерите на Малта и Белгија.

Според агендата на престојот на Генералното собрание на ОН, премиерот Заев ќе има средби и со претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск, со високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската Унија Федерика Могерини и со комесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан.

Премиерот Заев ќе ја предводи владината делегација и на повеќе други средби за запознавање и приеми, на кои ќе присуствуваат или ќе бидат домаќини претседателот на САД Доналд Трамп, премиерот на Јапонија Шинзо Абе, како и премиерите или министрите за надворешни работи на Германија, Хрватска, Виетнам и Непал.

Во рамките на посетата на Њујорк, претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, ќе оствари средби и со претставници на дијаспората во САД, со американски бизнисмени, ќе зборува пред реномираниот Совет за надворешни односи, а ќе учествува и на Глобалниот бизнис форум на Блумберг, на кој ќе учествуваат шефови на држави и влади, како и претставници на најголемите светски компании.

За време на одржувањето на 72. Генерално собрание на ОН, министерот за надворешни работи Никола Димитров, ќе има билатерални средби со министрите за надворешни работи на земји членки на ЕУ (Ирска, Естонија), со шефовите на диполматиите на Канада и Индонезија, како и со претставници на Mинистерството на Мексико и на Стејт Департментот на САД. Министерот Димитров ќе има средба и со генералниот секретар на ОБСЕ Томас Гремингер и ќе учествува во работата на повеќе панели и различни иницијативи во организација на ОН, Обединетото Кралство, Франција и Италија.

Димитров ќе има работни средби и со министрите за надворешни работи на земјите членки на Јадранската повелба (А5), иницијатива со која оваа година претседава Република Македонија.

Министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми, ќе има средби и состаноци со повеќе организации и поединци од дијаспората на Република Македонија во САД, на кои ќе се разгледаат можностите за културна и економска соработка, како и за поддршка на различни иницијативи од интерес на нашите иселеници во оваа земја. Министерот Адеми ќе учествува и на панели на високо ниво во рамките на програмата на Генералното собрание на ОН, а ќе земе учество во Глобалниот економски форум на Блумберг.