Македонија
17. February 2021 - 10:12

Заев: Дарувањето органи е највисок акт на човечност и хуманост

Премиерот Зоран Заев денеска, преку видеообраќање, испрати порака до сите граѓани за важноста од донирање органи и ткива како начин за спасување нечии животи.

Заев порачува дека дарувањето органи е највисок акт на човечност и хуманост. И тој лично, како што вели, е подготвен на ваков чин за што разговарал со своето семејство и оставил аманет.

Според премиерот, понекогаш, пресадувањето органи и ткива е единствен метод за лекување на болните и за спас на некои наши сограѓани, но најголем проблем претставува недостигот од органи и ткива, кои се соодветни за пресадување и донори.

-Донирањето органи е највисок чин на хуманост. Токму затоа за ова прашање имам разговарано со најтесниот круг од моето семејство и имам оставено аманет дека сум подготвен лично да придонесам нечиј живот да биде спасен. Но, секој од нас може да придонесе. На пример, секој од нас може да се посвети на ширењето на свеста и на едукацијата за донирање органи и ткива. Со едукација и споделување на пораката „Дарувај живот“, може секој ден да правиме по еден чекор за да помогнеме да спасиме и излечиме повеќе животи и да ја почитуваме и славиме дарежливоста и сочувствувањето на донорите. Секако, нашите мисли постојано треба да бидат со оние кои во моментов чекаат на органи за трансплантација и за спас на нивниот живот, но и да се сеќаваме на оние кои починале чекајќи затоа што орган не бил дониран на време, истакнува Заев.

Пресадувањето органи, потенцира Заев, е едно од најголемите достигнувања на модерната медицина и нашите здравствени работници имаат сериозно искуство во оваа дејност.

-Минатото лето, во време кога целото наше внимание, сиот наш здравствен систем е ставен во функција на справување со најголемата глобална здравствена криза заради пандемијата со КОВИД-19, нашите врвни лекари и асистентскиот медицински персонал се обединија и ја направија првата трансплантација на срце од починат донор. Ги здружија капацитетите, знаењата, искуството и стручност за да извршат зафат што претставува круна во кардиологијата и медицината воопшто. Сметам дека тоа е силно охрабрување и за дарителите на органи. Не постои ништо похумано од тоа некому да му го продолжите животот со донирање орган, ниту поголемо охрабрување и надминување на стравовите и дилемите околу донирањето доколку повеќе зборуваме за тоа, вели Заев.

Претседателот на Владата во видеопораката изразува огромна поддршка и солидарност кон оние кои чекаат пресадување органи, како и огромна благодарност кон сите дарители и нивните семејства, кои, како што нагласува, на многу благороден начин го спасуваат животот на другиот.