Македонија
1. September 2017 - 12:35

Заев: Да ја градиме Македонија како земја за сите

Премиерот Зоран Заев денеска по повод верскиот празник Курбан Бајрам ја посети општината Арачиново, од каде на сите граѓани од муслиманска вероисповед им го честиташе празникот.

- Празник што значи солидарност којшто значи хуманост, којшто значи помош кон сите други коишто се околу нас. Овој празник ја испраќа целата добрина и топлота и го прави величествен сам по себе заради тоа што го покажува во суштина смислата на човечкото постоење, изјави Заев.

Празник, продолжи тој, којшто не потсетува дека добрината треба да биде наша водилка.

- Животот е минлив и менлив, но останува зад нас добрината што ја оставаме кон сите во општеството и на сите на кои што им треба помош. Затоа секогаш да се потсетуваме на вредностите коишто празникот ги вади на површина. Тоа е меѓусебно помагање не само на своето семејство, на соседите, на пријателите, на сите коишто се околу нас. Само така ќе остане споменот за сите нас за нешто добро што сме правеле за сите други, додаде Заев.

Посочи дека празникот навистина ја доволува смислата за концептот на едно општество за сите.

- Добрината кон другите, добрината кон различниот, добрината кон она што го очекува и Господ и граѓаните верувам дека ќе биде водилка за сите нас граѓаните да ја изградиме Македонија да биде земја за сите, едно општество за сите, рече Заев, честитајќи им го празникот Курбан Бајрам на сите граѓани од муслиманска вероисповед.