Македонија
3. October 2017 - 21:37

Заев: Чаир е слика на мултиетничка Македонија, да испратиме порака на заедништво

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска имаше средба со жителите на Општина Чаир од кои побара поддршка за кандидатот на СДСМ и коалицијата за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, и за кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Висар Ганиу.

- Имаме намера градот рамноправно да се развива, зашто градот е подеднакво на сите граѓани што живеат на неговата територијата. Јас сум среќен, што можам денеска да побарам поддршка од вас, за човек за кој сум убеден дека ќе работи јуначки за интересот на сите граѓани на Скопје. А јас ќе го имам задоволството да го поддржам со сета сила и како премиер и како Влада и како човек, рече Заев.

Тој искажа поддршка и за кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Висар Ганиу од ДУИ, за кого рече дека е човек кој верува во единството и сплотеноста на народот.

- Човек кој ќе им служи подеднакво на сите. Човек кој има прекрасни идеи за развој на цел Чаир, онаков каков што сите сакаме да го видиме, порача претседателот на СДСМ.

Заев најави силна поддршка од Владата за низа инфраструкурни проекти, изградба на водовод, атмосферска и фекална канализација, посочувајќи го примерот со населбата Серава која се соочува со сериозни инфраструктурни проблеми.

- Чаир е слика на нашата мултиетничка Македонија. Како ќе се однесува Чаир, така ќе се однесува и Македонија. Ве повикувам со сите наши различности, овде живеат Албанци, Македонци, Турци, Роми, Бошњаци, Власи, Срби... сите етнички заедници. За мене е важно и како политичар какви пораки ќе излезат овде, од Чаир. А јас не очекувам ништо помалку освен пораки на единство, на сплотеност и на верба кон заедничката добра перспектива, подеднакво за сите граѓани на нашата заедничка Република Македонија, истакна лидерот на  СДСМ Зоран Заев.