Заев: Буџетот за бесплатното болничко лекување ќе изнесува 7,6 милиони евра - дали листите за чекање ќе се зголемат?
Oколу 210 000 пациенти лани лежеле во болница. Тие за партиципација за здравствени услуги, според податоците од Фондот за здравствено осигурување платиле над 400 милиони денари.
Од први јануари наредната година, граѓаните нема да плаќаат ниту денар за болничко лекување.
Премиерот Заев најави дека парите за оваа реформа ќе ги обезбедат од државниот буџет.
-Според досегашните проценки буџетот ќе изнесува околу 7,6 милиони евра. Тоа е партиципацијата која граѓаните ја плаќаат за болничко лекување, односно за останување во болница. Тие пари ќе ги покрие државниот буџет и граѓаните нема да плаќаат за болничко лекување, изјави Зоран Заев, претседател на Владата.
Здравствените власти велат дека оваа мерка е финансиско олеснување за сите осигуреници а најмногу за оние кои не можат да земат отпусно писмо бидејќи немаат пари да ја платат болничката партиципација. Од друга, страна, пациентите поделени во мислењата дали најавената реформа навистина ќе биде реализирана.
-Ова е популизам, не верувам дека ќе се реализира, порано во југославија беше така ама сега
-Добро е ако навистина се спроведе, зошто да не, велат граѓани
Во земјите од регионот никаде нема бесплатно болничко лекување за сите граѓани. Засега нема одговор од надлежните дали направиле анализа што доколку во здравствените установи има зголемен број на пациенти и дали поради тоа ќе има одложување на интервенциите кои не се итни?
Лекари од скопските клиники коментираат дека бесплатното болничко лекување, долгорочно ќе предизвика само штета на македонскиот здравствен систем и ќе предизвика зголемување на листите на чекање за хируршки интервенции.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар